пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Слабостите во спроведувањето на принципот на правична застапеност во институциите и администрацијата станаа очигледни уште на самиот почеток на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Спроведувањето на овој принцип требаше да значи повисоко ниво на почитување на човековите права и слободи, но се сведе на злоупотреба за партиски цели и јакнење на клиентелизмот.
За време на режимот на Никола Груевски, праксата на партиско вработување и окупација на институциите се претвори во систем во кој се вгнездија масивни партиски војски и гласачки машинерии. Истовремено, принципот на правична застапеност се претвори во алатка за подгревање на националшовинизам и продолжена дискриминација.
АЛБАНЦИТЕ, ТОЈ НЕПРИЈАТЕН ТОВАР НА ДРЖАВАТА
Така, се вработија Албанци, но не добија работни позиции. Далеку полошо поминаа другите етнички заедници. Може да се претпостави, Роми се вработија неспоредливо најмалку од сите, а за работните позиции да не говориме. На вработувањето на „рамковни“ режимот му парираше со вработување уште повеќе Македонци.
„Балансот“ никогаш не беше постигнат. Иако и меѓу Македонците, вработени во „акциите“ за вработување на партиската војска на ВМРО-ДПМНЕ, имаше такви што не знаеја ни каде се наоѓа институцијата каде што се вработени, таа ситуација беше неспоредливо поизразена кај Албанците.
По таа логика, може да се каже дека „рамковни“ има и меѓу Македонците, но тоа ретко кој го гледа на тој начин, бидејќи државата и администрацијата „им припаѓа на Македонците“ и тие можат „ да прават што сакаат“. Другите се „гости“ или „непријатен товар“ на државата.
ДЛАБОК ЈАЗ МЕЃУ ЛЕГИСЛАТИВАТА И РЕАЛНОСТА
Во земји каде што демократијата и владеењето на правото се постојано предизвикани од авторитарни или теснопартиски интереси, постои длабок јаз меѓу легислативата и реалноста.
На хартија, процесот отворен по Охридскиот рамковен договор во 2001 и уставните измени во 2002 година, требаше да придонесе кон правична застапеност на сите заедници. Тоа понатаму требаше да придонесе кон процесот на помирување и интеграција во општеството, недискриминација по етничка основа и поквалитетни услуги за граѓанките и граѓаните.
Во реалноста, овој дел од процесот на интеграција и спроведување на Охридскиот рамковен договор го предизвика токму спротивниот ефект. Вработувањето според принципот на правична застапеност, во јавноста почна да се дефинира како „вработување по етнички клуч“, за потоа да добие погрдно значење со зборот „рамковни вработувања“, а вработените според овој принцип се нарекуваат „рамковни“ или „рамковисти“. Тоа само ги зајакна етничките стереотипи и предрасуди, а националшовинистите добија конкретни примери за поткрепа на нивните ставови и однесување.
Денес, изразот „рамковен“ или „рамковист“ најчесто е пејоративен и означува Албанец кој притоа е и паразит – не работи, туку само го „цица“ државниот буџет. Во реалноста, тоа најмалку беа етнички, а најмногу беа партиски вработувања.
Системот беше окупиран и практично му припаѓаше на националистот Груевски. Во институциите немаше место за Албанците, освен тие што на овој или оној начин мораше да ги има во своето опкружување, а останатите не беа пожелни, па и не мораа да се појавуваат на работа, макар и да бидат платени. Во една прилика, аналитичарот Сашо Орданоски многу точно го опиша односот на Груевски кон Албанците со зборот презир.
НАЦИОНАЛИСТОТ ГРУЕВСКИ
Навистина, Груевски го изразува својот презир, а секако и омразата, кон Албанците и низ начините на кои ги регулира уставните обврски за почитување на човековите права и слободи на етничките заедници во земјава. Притоа, „малиот диктатор“ (како што го нарече странскиот печат своевремено) не е осамен во тоа. Целата негова партија отсекогаш негува омраза и презир кон немакедонските етнички заедници, а особено кон Албанците. Впрочем, ништо чудно, бидејќи се работи за националистичка партија.
За етничката омраза вткаена во политичката ориентација и политичка пракса на партијата на Груевски (ВМРО-ДПМНЕ) сведочат и бројните аудио записи од прислушуваните разговори, објавени од Зоран Заев во 2015 година. „Племе“, „Шиптари“, „А да направиме војна?“ (се мисли: со Албанците) е само дел од вокабуларот кој го негуваа најблиските соработници на Груевски, а според јавно објавените аудио снимки, предничи поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, што не значи дека навистина е „лидер“ во негувањето на етничката омраза во ВМРО-ДПМНЕ.
За нескриениот национализам на Груевски може да се зборува многу, но главна одлика на неговата политика беше строгото ограничување на „териториите“. Тој „галантно“ го плаќаше секое побарување од својот коалициски партнер, а потоа му го покажуваше местото – в ќош. Потоа, секоја „исплата“ ја враќаше со дополнителни медиумско-пропагандни операции со кои Албанците беа портретирани како грабливи натрапници, а Македонците беа „жртви“.
Груевски успешно јаваше на стравот, омразата и поделбите и секогаш кога му беше потребно, го свртуваше вниманието на јавноста кон „опасноста“ од Албанците. Неговата најдобра „инвестиција“ беше во поларизацијата на општеството по сите можни основи, а пред сè, на етничките заедници. За потоа сите свои политички непријатели, без оглед на припадноста, да ги „дисциплинира“ со полиција, судови, инспекции и други подебели краеви на стапот.
НАЦИОНАЛИСТОТ АХМЕТИ
На националистот Али Ахмети, редовен коалиционен партнер (клиент) во власта, не му преостануваа многу опции, освен да ја игра играта на Груевски. Ахмети доаѓа до „решението“ да ја ангажира својата партиска војска, макар и фиктивно, за да го преживее притисокот на „албанскиот дел од јавноста“.
Дали Ахмети навистина немал опции, дали бил уценет, дали во прашање е коруптивна релација или бил под некаков облик на закана, дали сето тоа заедно, останува релативно нејасно до денешен ден.
Останува нејасно и зошто Ахмети не ја напушти коалицијата со Груевски во 2011. Тогаш се одржаа вторите предвремени парламентарни избори за време на режимот; разликата во бројот на пратеници во парламентот ни оддалеку не беше таква каква што очекуваше Груевски, наспроти големиот број случаи на изборни манипулации и кражби, како што своевремено известуваше ЦИВИЛ. Сепак, Ахмети, иако имаше шанса да му стави крај на режимот уште тогаш, му остана верен на својот тогашен партнер, сè до 2016 година.
Објективно, Ахмети, од формирањето на неговата партија, Демократска унија за интеграција, дури и да знаел како, немал можност на своите гласачи да им понуди нешто повеќе од националистичка платформа. Нему му останува можноста да ги подгрева очекувањата дека, кога ќе влезе во коалиција со победникот на „македонската страна“, ќе обезбеди работа за Албанците во институциите, од министри до чистачи. Се разбира, со „мал услов“, да му бидат послушни нему и само нему. Може да ветува дека ќе има албанско знаме, дека албанскиот јазик ќе биде што е можно повеќе застапен, па и (речиси) еднаков со македонскиот јазик… И неговата агенда се исцрпува отприлика тука некаде.
Може да се спори околу тоа колку ваквата „етничка програма“ е последица од поставеноста на политичките сили во земјата, а колку на неспособноста на Ахмети да се наметне како креативен и рамноправен партнер во креирањето политики на национално, а не на етничко ниво. Така, долгиот опстанок на Ахмети се сведе на „продажба“ на националистичка реторика пред Албанците и континуирани пазарења со поголемиот партнер во власта, што потоа преоѓа во практики кои често се граничат со или се директни форми на политичка корупција. Ништо добро од тоа не може да произлезе.
TRBUHOM ZA KRUHOM
Овие и многу други околности доведоа до лажно спроведување на принципот на правичната застапеност на етничките заедници во институциите и администрацијата, со што продолжи „копањето на длабокиот канал“ меѓу македонската и албанската заедница. „Копачите“ повторно беа Албанците кои, како и луѓето од другите етнички заедници, извадиле партиска книшка за да добијат шанса за вработување. Trbuhom za kruhom, како што би рекле Хрватите.
Луѓето се навикнаа да ги гледаат политичките партии како бироа за вработување, бидејќи ним не им значи многу како се формулираат политиките и како се практикуваат законите, договорите и принципите, туку голата егзистенција. Ако политичарите не се доследни, одговорни и транспарентни, ако само формално ги исполнуваат обврските, а вредно работат на задоволување на теснопартиските интереси и зацврстувањето на националистичките позиции и наративи, на „обичните смртници“ не им преостанува ништо освен да се прилагодат на диктатот на политиката и да ги собираат трошките од подот. Па, што биде, нека биде.
Едноставно, принципот на правичната застапеност на етничките заедници, систематски и вулгарно беше злоупотребен за време на режимот на Груевски. Опашките од таа масивна злоупотреба се влечат и до денешен ден.
ТОПЛАТА БРАЧНА ПОСТЕЛА НА ГРУЕВСКИ И АХМЕТИ
Дел од „рамковните“ никогаш не доби работно место, а со тоа и ниту една работна задача. Тие не знаеја за поинаква задача, освен да се бидат слепо послушни партиски пешадинци и гласачи. Груевски ги вработуваше за да ја одржи топла брачната постела (коалицијата) со Ахмети, но својот националистички презир кон Албанците го изразуваше на тој начин што не овозможи сите тие и навистина да добијат работни позиции во институциите и јавните претпријатија каде што ги вработи.
„Рамковните“ административци не беа само коруптивна постапка за чување на владината коалиција на Груевски. Тие беа злоупотребени секогаш кога имаше потреба да се удри по една од најчувствителните теми во македонското општество – меѓуетничките односи.
Јавноста беше манипулирана и од димната завеса што ја правеше медиумската пропаганда. Така, за јавноста остана невидлив фактот дека проблемот не е самиот принцип на правична застапеност, туку неговата злоупотреба како алатка за промоција на националистичките наративи и продлабочена омраза кон Албанците. Така, наместо да се насочи критиката против злоупотребите, таа беше насочена кон вработените во оваа шема, придружена со предрасуди и говор на омразата на етничка основа.
НЕОПХОДНОТО ЗЛО НАМЕТНАТО ОД ЗАПАДОТ
Паралелно со злоупотребите на вработувањата и другите политики со кои се регулираа меѓуетничките односи, се разви и антизападниот сентимент, преку негувањето на наратив дека Охридскиот рамковен договор „ни го наметна“ Западот кој ги „штити Албанците“ и сака да ја „извалка чистата македонска раса“.
Од процес на помирување и интеграција, спроведувањето на Охридскиот договор се претвори во „неизбежно зло“, наметнато од Западот. Неретко се зборуваше за „второ полувреме“ во кое конечната пресметка со Албанците ќе го оствари „милениумскиот сон“ за чиста Македонија.
Националистите сè решаваат со удар врз најчувствителната тема – меѓуетничките односи. Секој што има политички амбиции, а нема способности и визија, го поткрева гласот и го „збогатува“ својот вокабулар со националистички вокабулар. Внатрепартиски, меѓупартиски, изборни или други проблеми во општеството, неодговорните политичари ги решаваат по кратка постапка – со националшовинизам и десничарски популизам.
„Рамковните“ им се згодна алатка за решавање на проблемите. Тие станаа една од најочигледните илустрации за тоа како едно неопходно решение може да се претвори во голем проблем и алатка за политичка манипулација и национализам.
КОГА ПРОПАГАНДАТА ЌЕ ГИ ПОИСТОВЕТИ ПРОБЛЕМОТ СО РЕШЕНИЕТО
Овој состав на владата на Зоран Заев, со сите свои предности и слабости, во екот на ковид-пандемијата, одвои време и ресурси за да им даде вистинска работа на „рамковните“. Конечно, по две децении националистички манипулации, луѓето вработени според принципот на правична застапеност, ќе добијат вистински работни места. Ќе можат да одат на работа и навистина да ја заработат платата. Можеби дел од нив треба да поминат низ обуки за да „влезат во форма“, можеби некои ќе бидат помалку корисни, но една голема неправда и понижување ќе биде отстранета од долгата листа со проблеми кои се наталожија со неодговорните политики во минатото.
Решението да им се најде вистински ангажман на вработените според принципот на правична застапеност не им е по волја на националистите од сите партиски и етнички бои. За жал, дел од јавноста ја лапна јадицата на пропагандните центри, па и ова решение беше дочекано „на нож“. Без да се погледне фактот дека „рамковните“ порано земаа плата за да не доаѓаат на работа, а сега ќе доаѓаат на работа, за да ја заработат платата.
Со други зборови, ако „рамковните“ порано беа оцрнети затоа што дел од нив (да повторам и да нагласам: дел од нив) не доаѓаа на работа, а земаа плата, сега мета стана решението тие да одат на работа. Што е проблемот, Македонците не сакаат да работат во иста канцеларија со Албанците? Или проблемот е во тоа што не може да се одвојат проблемите од решенијата, поради црната пропаганда?
ВИСОКАТА ПОЛИТИЧКА ЦЕНА НА РАЦИОНАЛНИТЕ РЕШЕНИЈА
Меѓуетничкиот мир и соживотот ќе чинат скапо, само ако им се даде простор на формални и краткорочни политички решенија кои ги носат националшовинисти и популисти. Нивниот единствен политички рефлекс е да ги изигруваат човековите права и слободи гарантирани со Уставот, законите и меѓународното право.
Не постои друга алтернатива, освен внимателно и напорно работење за воспоставување принципи на вистинска еднаквост, недискриминација и законитост во креирањето политики и практики. Но рационалните решенија, засновани на почитувањето на принципите за правичност и еднаквост, често можат да имаат висока политичка цена за оние што имаат политичка волја да ги спроведат.
Долг беше патот од Охридскиот рамковен договор, креиран да сопре крвава граѓанска војна, до концептот „Едно општество за сите“, кој отвора можности во македонското општество да се негуваат европските вредности, како што се почитувањето на различноста, мултикултурализмот, еднаквоста и слободата на сите граѓанки и граѓани.
Во моментов, спротивставени се два концепти: од една страна е прогресивниот концепт „Едно општество за сите“ во кој сите граѓанки и граѓани се еднакви, а на другата страна е националистичкиот концепт, според кој заедниците треба да останат закопани во своите етнички ровови и да гледаат едни на други со омраза, несигурност и страв. А во меѓувреме, националистичките „елити“ се богатат врз грбот на сиромашните и исплашените.
НАПРАВИ РАЗЛИКА: ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
Текстот е личен став на Авторот.