Пред неколку дена (на 9 ноември) лицeто Спирко Блажевски, угостител од Скопје, објави на социјалните мрежи видео од упад во галијата на реката Вардар која пред неколку месеци, по налог на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов, почна да се руши.
„Мрш п***а ви м***, кај Петре Шилегов да одите“
Тој на својот Фејсбук профил се пофали како ги брка работниците, ангажирани за рушење на објектот. Видеото од неговиот Фејсбук профил е споделено 121 пати и има над 300 реакции и речиси 30.000 прегледи. Наводниот сопственик на галијата, им се нафрли на работниците со погрдни зборови, со навреди, закани, и со туркање ги избрка од нивното работно место.
„Петре изгуби, нема судска пресуда, кој ве прати вас, кој ви е газда, одма соберете се и да си одите. Сте ми направиле 1.5 милион штета, ајде одете си, да не ве видам тука. Мрш п***а ви м***, кај Петре Шилегов да одите“, вели човекот кој се преставува како газда, а според написите во медиумите галијата е на име на бугарски бизнисмен.
Негирање
Блажевски, кој инаку е сопственик на ресторанот Мечка во Дебар Маало, за Слободен печат изјавил дека тој ниту е сопственик на галијата, ниту пак го снимал видеото, туку само го споделил.
Тоа најверојатно не е точно! Од самиот профил може да се забележи дека видеото не е споделено, туку е објавено! Значи, не го споделил видеото од друг профил, туку, доколку не е негово, тој требало да го добие и да го „качи“ (upload), односно да го објави во поинаква постапка од онаа што значи споделување.
Поттикнување на говорот на омразата
Видеото поттикна многу говор на омразата. Така, Драги Дончевски е еден од споделувачите на видеото од профилот на Спирко Блажевски кој користи говор на омраза и повици на насилство: „Браво брат, е вака треба со педе***** СДСМовска а педе****** Петре да го фатиш и џигерот да му го извадиш…“
Новата администрација на Град Скопје молчи
Се обративме до Град Скопје и до Секторот за планирање и уредување на просторот да ни дадат изјава во врска со инцидентот во галијата, меѓутоа до овој момент не добивме никаков одговор од Град Скопје.
Шефот на кабинетот на Шилегов тврди дека сите законски постапки се завршени
ЦИВИЛ го контактираше Никола Наумовски, поранешен шеф на кабинетот на екс градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој вели дека се запазени сите законски рамки пред да почне уривањето на една од трите галии во Вардар.
„Сопственикот на галијата неколку пати го оспоруваше рушењето и судот не ни даваше дозвола за рушење. Со отстранување на галијата почнавме во моментот кога имавме целосна дозвола, вели Наумовски.
Во однос на грубото постапување на човекот што ги избрка работниците, додаде дека граѓаните го видоа лицето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се луѓе што четири години молчеа, сега кога дојдоа на власт си го покажаа лицето“, нагласи Наумовски.
Тој нè упати документот за рушење да го побараме од Улици и патишта, бидејќи тие се надлежни за тоа.
Молк и во директно надлежните „Улици и патишта“
ЦИВИЛ, на 10 ноември, побара изјава околу овој случај од Улици и патишта, преку електронска пошта, но до објавување на текстот, не доби никаков одговор.
Синдикатот ги повика работниците да пријават и да покренат судски процес
Иван Пешевски, претседател на Синдикат за градежништво при СММ, за ЦИВИЛ вели дека за немилиот настан дознаа од медиумите и ги повика работниците кои, иако не се нивни членови, дека им стојат на располагање да отидат и да пријават за да покренат судски процес.
„Вчера видовме слика на грубо постапување на сопственикот, односно ја видовме „големината на еден човек“ насроти „малите“ работници. Чинот на нечовечко постапување и нарушување на угледот на работниците верувам дека ќе биде казнет од граѓаните со тоа што ќе бидат „алергични“ на тој објект. За жал ние самите не може да покренеме случај без согласност на работниците, тоа може ОЈО или МВР да преземат мерки по допрен глас“, вели Пешевски.
Ни од МВР нема одговор
ЦИВИЛ на 10 ноември побара одговор од МВР дали преземале мерки (по допрен глас и по речиси 30.000 прегледи на видеото) да го најдат сторителот и дали има пријава за тој настан? До овој момент немаме одговор.
Според правните експерти на ЦИВИЛ, се работи за навредливо однесување, непочитување на наредба за рушење, спречување на ангажирани лица во извршување на нивните работни задачи
Според правниот експерт на ЦИВИЛ во случајот не се работи за повреда на работничките права, туку за:
„Секако, треба да се добие информација и за правниот документ- наредбата за рушење, како и за тоа кој ги ангажирал работниците за рушење. Тој што ја издал наредбата, односно тој што ја спроведувал наредбата за присилно рушење и ги ангажирал работниците, може и треба да си побара заштита од надлежните институции, па дури и асистенција од полиција, за реализација на рушењето“, вели правниот експерт на ЦИВИЛ.
Краток историјат на случајот
Градските служби на 5 април започнаа со отстранување на галијата од коритото на реката Вардар, но на 29 април, отстранувањето на галијата на Вардар кај хотелот „Холидеј ин“ беше стопирано, бидејќи Град Скопје донел времена мерка за стопирање на извршувањето додека судот одговори на жалбата поднесена од сопственикот.
Сопственикот на галијата „Сидро“, кој е бугарски државјанин, смета дека незаконски се урива објектот во реката Вардар. Во негово име, кога почна уривањето управителот на фирмата „Сервис Емус АД Скопје“, Жарко Миленковски кажа дека немаат никакви долгови кон градот.
-За мене императив е почитувањето на законите. Кога се исполнети условите за настапување на правните механизми јас сум должен да го штитам интересот на нашиот град и токму тоа го правам. Од друга страна, ние го раскинавме договорот затоа што четири закупнини не беа платени. Мислам дека на некои луѓе им е полесно сопствената неодговорност да ја префрлат на некој друг. Мене ми е сеедно дали инвеститорот е бугарски или македонски, ако не ги исполнува обврските кон Градот, последиците ќе го стигнат, рече Шилегов, пред 7 месеци.
Рушењето на галиите беше едно од главните ветувања на Шилегов и започна на 18 септември годинава, поради тоа што сопственикот со месеци не плаќал кирија за истата, со што се создала законска можност за раскинување на договорот и нејзина дислокација.
„Првата од 3-те галии во коритото на Вардар, почна да заминува во историјата“, напиша Шилегов на 18 септември на неговиот Фејсбук профил.
Галииите во центарот на Скопје беа поставени во реката Вардар од централната и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ како дел од проектот „Скопје 2014“ со кој се измени изгледот на центарот на главниот град.
Во 2011 година Советот на Град Скопје донесе Одлука за спроведување на постапка за доделување на право на поставување урбана опрема за вршење угостителска дејност на Кејот на реката Вардар со која беа предвидени условите за давање на право на угостителите да ги постават овие објекти во времетраење од 30 години, за што треба да плаќаат надомест на Градот Скопје.