УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Од првите парламентарни избори, одржани во 1990 година, ВМРО-ДПМНЕ имаше само тројца претседатели на партијата – Георгиевски, Груевски и сега реизбраниот Мицкоски. Во тие 31 години, СДСМ смени двојно повеќе лидери, почнувајќи од Петар Гошев (кога партијата уште се водеше како СКМ-ПДП), а потоа Црвенковски, Бучковски, Шекеринска, Заев и сега тукушто избраниот Ковачевски. Во трите изминати децении, во СДСМ имаше само две значајни партиски отцепувања (она на Петар Гошев во далечната 1993 со формирањето на Демократската партија; и на Тито Петковски во 2005, кога тој ја основа НСДП). Кај ВМРО, пак, е тешко да се добројат сите фракции кои излегоа од партиската матица и ги основаа своите обединето-разединети, народни, демократски, изворни, нови, стари, десни и најстаро-најнови партиски „иверки“. , читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Да живеат обединителите!“
На крајот сакам да напоменам дека и СДСМ и ДПМНЕ по поминати 30 години од воведување на политичкиот плурализам останаа строго централизирани и се водени од култот кон лидерот. Поради длабоко всадената поданичката политичка култура кај најголем број од членството и населението, сѐ зависи од политичките лидери, од нивната добра волја и од тоа колку сте им симпатични или антипатични. Сѐ додека при селекцијата на партиските лидери и кандидати за разни функции (на партиско и државно ниво) не се применува пристапот „оддолу па нагоре“, сѐ дотогаш ќе имаме практикување на мек или потврд партиски и државен авторитаризам, односно привидна внатрепартиска и демократија на ниво на држава. Партиските собири од највисоко па до најниско ниво мора да бидат легитимен и легален израз на волјата на партиското членство, а не да бидат театарски сцени на кои се практикува привидна демократија, односно мек авторитаризам завиткан во чоколадна обланда, пишува Јове Кекеновски во колумната „ Сдсмовска и дпмнеовска демократија“
Продолжува Конференцијата на ЦИВИЛ„ПЕРСПЕКТИВИ 2022“, во среда панел „Едно општество за сите, сегашност и перспективи“
Како дел од повеќедневната Конференција на ЦИВИЛ „Перспективи 2022“, во среда на 15 декември во Скопје ќе се одржи панел – дискусијата „Едно општество за сите – сегашност и перспективи“.
Каква е состојбата со спроведувањето на Стратегијата „Едно општество за сите“? Каде има напредок, кои се слабостите? Кои се очекувањата, препораките и прогнозите за претстојната година? Учесниците на овој дел на конференцијата ќе зборуваат за досегашните постигнувања и предизвици во областите во кои дејствуваат, како и за тоа што треба да се направи и што не очекува во однос на спроведувањето на овој концепт во идната 2022 година.
Предвидени говорнички и говорници на настанот се: Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам и Едно општество во Владата на Република Северна Македонија, Џелал Хоџиќ, заменик-директор во Агенцијата за остварување на правата на помалубројните етнички заедници, Ели Чакар – државен советник во Министерството за локална самоуправа, Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите во Македонија, Лулзим Хазири, извршен директор на граѓанската организација АДИ од Гостивар, Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центарот за слобода.
НАСТАНИ
КОНФЕРЕНЦИЈА: Од денеска до 15 декември ќе се одржува деветтото издание на студентска конференција за Енергетска ефикасност и одржлив развој 2021 (СКЕЕОР), поддржана од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
На отворањето на конференцијата најавено е обраќање на ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски, деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски, заменик раководител на секторот за животна средина при Град Скопје Никола Јовановски и координаторката на СКЕЕОР, Лихнида Стојановска-Георгиевска.
Како што најавија организаторите, во рамки на четиридневната конференција, присутните ќе може да слушнат серија пленарни предавања од домашни и странски претставници на пет теми во фокус на оваа конференција – Обновливи извори на енергија, автоматизација и мерење на енергетска ефикасност, електрични возила и енергетски ефикасен транспорт, енергетската ефикасност и одржливост на животната средина, како и нови технологии и материјали и енергетската ефикасност во објекти, градежништво и архитектура.
СЕДНИЦА: Пратениците денеска во рамки на 54. седница ќе ја продолжат расправата по дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година во второ читање.
Вкупните расходи во Предлог-буџетот се планирани на 272,4 милијарди денари или 35,2 проценти од БДП, а вкупните приходи се планираат на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Дефицитот е проектиран на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП, а капиталните инвестиции ќе изнесуваат 38,2 милијарди денари.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, Предлог-буџетот за 2022 година е одговор на предизвиците кои престојат, но е и во насока на реализација на приоритетите за следната година.
ПРОЕКТ: Во рамки на пилот-проектот за систем за рано предупредување за исчезнати деца, денеска ќе се одржи тренинг за зајакнување на капацитетите на новинарите за известување за трговијата со деца.
Тренингот го организира невладината организација „Новинари за човекови права“, а ќе се одржи онлајн на платформата „зум“ со тренери од Холандија и Северна Македонија.
Следејќи ги искуствата на другите земји кои имаат системи за предупредување за исчезнати деца, „Новинари за човекови права“ во соработка и под проектен менаџмент на „ECPAT Австрија“, го спроведува проектот во Северна Македонија, вклучувајќи различни засегнати страни (јавниот и приватниот сектор, граѓанските организации, медиумите). Пилот-проектот за систем за рано предупредување за исчезнати деца се реализира од 1 јули 2021 година – 31 декември 2022 година, со финансиска поддршка од Федералното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.
КОНСУЛТАЦИЈА: Во рамки на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ-интеграциите“, денеска ќе се одржи регионална консултација „Граѓанското општество и дијалогот на јавни политики за реформска агенда на ЕУ“.
Регионалната консултација ќе биде организирана онлајн, на веб платформата „зум“.
Воведни обраќања ќе имаат Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев