Разрешениот директор на струшкиот затвор, Арменд Шаќири, кој според Владата самоиницијативно поднесе оставка, сега е директор на новоформирано претпријатие за паркови и зеленило. Одлуката за неговота нова функција поминала и на советот во Струга.
Шаќири е разрешен по полициската акција во Струга и околината на 7 јули кога беа приведени неколку лица за дрога и рекет. Тој беше викнат на информативен разговор во МВР, меѓутоа во изјава за ТВ 24 отфрла било каква злоупотреба на службената положба.
„Немам такво сознание дека сум дел од групата. Под наредба на Основниот суд имаше контрола во затворот и јас дадов исказ, но не како осомничен, туку како управител одговорен за установата“, изјави Шаќири во изјава за телевизија24.
Од Владата не прецизираат дали Шаќири е инволвиран во случајот, ниту која е причината за неговата оставка.
При истрагата во струшкиот регион беа уапсени шест лица, а еден е сè уште во бегство. Сите се осуденици, кои веќе издржувале казна во Казнено поправниот дом од отворен вид во Струга. Функционирале како крими-група, а во бизнисот со оружје и дрога им помагал и еден инспектор.
Д. М.