На патот кон ЕУ потребни се реформи во судството и владеењето на правото. Тие промени „можеби се проблематични за некои одредени интересни групи, но би биле многу добро за граѓаните ако тие одлуки се донесат“, порача холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во интервју за „360 степени“.
„Најитната работа која е потребна е да се смени е менталитетот. Земјата навистина треба да сака да стане членка на ЕУ“, истакна Коп.
Тој додаде дека земјата треба да биде внимателна во зачувувањето на прореформската демократија, заштитата на слободата на говорот и да ја чува релативната независност на медиумите и дека без овие работи каков било напредок не би бил можен.
Холандскиот амбасадор додаде дека се останато што треба да направи земајва, зависи од нас самите и нашите приоритети.
„Северна Македонија вели дека сака да е членка на ЕУ и затоа треба, во таа рамка, прецизно да ги одреди приоритетите. Јасно е дека за Холандија најголема загриженост е владеењето на правото, но на крајот ова е ваша, а не наша земја“, нагласи Коп.
Амбасадорот истакна дека реформите ќе почнат со почетокот на преговорите со ЕУ, согласно прифатената преговарачка рамка откако ќе се направат потребните уставни измени.
„Кога оваа рамка е тука, реформите мора да се имплементираат. Рамката е испреговарана, не може да се промени и ако г. Мицкоски вели дека по изборите ќе издејствува подобар договор не мислам дека тоа воопшто е реалистично, дури и возможно“, додаде Коп.
Според него, дојдено е конечно време за Северна Македонија да си ја оформи својата иднина.
„Крајно време е Северна Македонија да стане господар на сопствената судбина и ние сме тука да помогнеме“, заклучи Коп.