„Постоечкиот систем за наводнување беше нефункционален, со минимален капацитет за наводнување од само 40 хектари. Сега со новиот систем ќе се наводнуваат 200 хектари обработливо земјоделско земјиште кое го обработуваат околу 500 домаќинства од селата Псача, Петралица и Гиновци“, истакна Ковачевски.
„Крајниот резултат е да се обезбеди што повеќе храна, особено за време на криза. Системот „Славишко поле“ е само една од многуте инвестиции на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, подвлече Ковачевски.
Во изминатите пет години ресорното министерство вложува во капитални инвестиции во изградба и реконструкција на брани и системи за наводнување чија со вредност близу 230 милиони евра.„За прв пат донесовме „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза, и планот веќе се реализира. Тоа се мерки за зголемено производство на домашна храна, за увозна независност, мерки со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјоделско земјиште, за да произведат повеќе“, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски исто така нагласи дека ова значително ќе влијае врз намалување на увозот и подвлече дека поради очекуваната тешка зима, земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети.