Сметам дека треба да се направи ремонт на одредени институции, процеси и закони во делот на правосудството, бидејќи сите анализи и изјави на дипломати тоа го покажуваат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
На новинарско прашање во врска со вчерашната изјавата на министерот за правда, Кренар Лога, кој рече дека едно од можните решенија, за кои разговарал и со политичките партии и со власта е со законски преодни одредби да има престанок на мандатот на сегашниот состав на Судскиот совет, Ковачевски рече дека за ова прашање немаат разговарано во детали.
-Ние во детали немаме разговарано со министерот Лога, тоа е во неговиот ресор. Меѓутоа, неговиот ресор е концепциски, бидејќи, на крајот, Собранието на државата ја носи одлуката во однос на законските одредби во судството и на телата кои што ги избира, бидејќи владата не избира Судски совет, избира Собранието, рече тој.
Според премиерот, во правосудството, како и во секоја друга организација, има личности кои што се врвни професионалци и има луѓе кои што се во градење на својата кариера и можат да го унапредат своето работење преку обуки, но, има и поединци кои што немаат перформанси.
-Има сигурно и поединци како во секој систем кои што немаат перформанси на ниво на кое што треба да имаат и затоа треба да има систем во правосудството кој што ќе може да ја дијагностицира точно одговорноста, бидејќи таа секогаш има име и презиме. Не можете вие да велите дека не е добро сѐ комплет, треба да извадат систем во кој што ќе може точно да се каже што е добро да се пофали, што може да се направи за да се унапреди, а што е она што навистина не чини, да може да се отфрли, рече премиерот.