Премиерот Димитар Ковачевски и актуелен лидер на СДСМ, лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев на синоќешната заедничка средба во Скопје, разговарале за дефинирање на стратегијата за настап на изборите и за сите опции на европскиот фронт.
Извори за МИА посочуваат дека е разговарано за заеднички пристап кон европската опција од која нема отстапки и дека е дефинирана насоката за конкретна стратегија за очекуваната успешност. Нема прецизни информации и детали за разговорите, но нашите извори велат дека под конструктивен пристап се подразбира и опција за заеднички настап и за консензуален претседателски кадидат на претстојните избори.
На средбата биле отворени сите опции за претстојните претседателски и парламентарни избори.
Средбата, како што претходно брифираа извори од СДСМ за МИА, поминала во конструктивна и позитивна атмосфера.
Доцна синоќа од СДСМ со соопштение за јавноста регираа на негативните коментари на ВМРО-ДПМНЕ во врска со средбата.
Што се разговарало на состанокот меѓу Ковачевски, Заев и Ахмети е јавно соопштено. Очигледно голема е нервозата кај ДПМНЕ, штом толку агресивно ја манифестираат. ДПМНЕ останува осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери. Голема е маката на Мицкоски кого го чека пораз на изборите, велат од СДСМ.