Русија го искористи масовното предавање на украинските војници во фабриката за челик Азовстал во Мариупол како пропаганден подарок во средата, користејќи го за лажно да ги означи како терористи и да создаде паралелен наратив на украинскиот приказ на руските војници како грозоморни воени злосторници, пишува Њу Јорк Тајмс.
Масовното предавање, кое стави крај на најдолгата битка во тримесечната војна, Русите го опишаа како славна пресвртница во конфликтот што западните воени аналитичари и групи за човекови права го опишаа како катастрофален за Кремљ и неговите сили кои ја бомбардираа Украина неселективно и беа обвинети за други злосторства.
Сликите од предавањето на Украинците беа објавени од страна на Русите токму во моментот кога руски војник се изјасни за виновен во судницата во Украина за субиство на невооружен цивил, во случајот кој на големо се следеше.
Украина првично го опиша масовното предавање на војниците во фабриката за челик Азовстал во Мариупол, што нејзината војска го нареди во понеделникот вечерта, како единствена алтернатива за нивната речиси сигурна смрт против безнадежни шанси и како увертира за размена на затвореници.
Но, од Москва разговараа за размена на заробеници, а до средата стана јасно дека Кремљ има намера да ги користи затворениците за други цели.
Руските коментатори го прославија падот на фабриката за челик и, особено, предавањето на членовите на баталјонот Азов, украински полк со корени како екстремно десничарска група, која Путин ја искористи за фиктивно да ја прикаже инвазијата како битка за ослободување Украина од нацистите.
Рускиот Врховен суд соопшти дека следната недела ќе одржи сослушување за тоа дали да ја прогласи Азовската група за „терористичка организација“, што би можело да и даде покритие на Москва да ги суспендира правата како воените заробеници. Русија соопшти дека 959 војници во фабриката се предале, од кои околу 800 од баталјонот Азов. Се верува дека во фабриката остануваат уште околу 1.000 војници.
Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, рече дека војниците на Азов извршиле воени злосторства користејќи детски градинки и медицински центри за складирање муниција и користејќи цивили како жив штит, повторувајќи ги обвинувања што што Западот ги упати против руските трупи.
Некои од затворениците се префрлени во истражен затвор во градот Јеленовка, во источниот украински регион Доњецк, контролиран од Русија, рече Захарова. Таа ги обвини украинските сили дека истрелале ракети врз објектот во кој се наоѓале.
Захарова рече дека нема информации за размена на затвореници со Украина и дека оние на кои им е потребна медицинска помош ја добиваат. Русија објави видео од хоспитализирани заробени војници во град под контрола на сепаратистите источно од Мариупол.
Амнести интернешнал ја повика Русија да ги почитува правата на заробениците, велејќи дека тие биле „дехуманизирани од руските медиуми“ и прикажани од пропагандистите на Путин како неонацисти, што „покренува сериозна загриженост за нивната судбина како воени заробеници“.
Захарова рече дека Русија со денови ги охрабрувала војниците да ја напуштат фабриката, и ја обвинува Украина што чекала толку долго за да им нареди да се предадат.
„Во моментов, најважно е сите да излезат“, рече таа.
Усложнувајќи ги напорите на Украина да преговара за размена на затвореници, претседателот на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, рече дека пратениците ќе разгледаат забрана за „размена на нацистички криминалци“.
Потегот на Русија да ги третира заробениците како воени злосторници дојде одкако рускиот војник Вадим Шишимарин се изјасни за виновен пред судот во Киев дека смртно застрелал 62-годишен маж на велосипед, убиство што може да се смета за воено злосторство.
Судењето беше невообичаено делумно затоа што продолжи и покрај неговиот потенцијал да ја попречи или дури и да ја запре идната размена на затвореници меѓу Украина и Русија.
„Русите сега може да одлучат да покренат случаи против украинските воени заробеници“, рече Алекс Вајтинг, обвинител за воени злосторства, кој е визитинг професор на Правниот факултет на Харвард. „Ова покажува зошто ужасните злосторства што ги вршат руските сили и посветеноста на Украина да ги гони, се толку многу во центарот на вниманието во моментов“.
Подготви: Д.Мишев