СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешниот градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов (35), како и уште пет лица, поради сомневање за злоупотреби во јавната набавка на електрични автобуси за ЈСП „Струмица-Транспорт“.
Костадинов е пријавен за „злоупотреба на постапката за јавен повик“, бидејќи ангажирал лице – Г.П. (58) од Скопје – за технички надзор и евалуација, иако тој немал соодветни стручни квалификации и лиценца А од областа на електротехниката. Според МВР, спецификациите во тендерската документација речиси целосно одговарале на набавените автобуси, што довело до нарушување на постапката.
За „несовесно работење во службата“ се пријавени и директорот на ЈСП „Струмица-Транспорт“ Д.П.С. (61), претседателката на комисијата за јавни набавки К.Б. (37), како и членовите Л.Ј. (63) и Л.Ѓ. (62). Според наводите, тие дозволиле лице без соодветна лиценца да учествува во техничкиот дел од постапката, да одговара на прашања, да врши евалуација и надзор над реализацијата на договорот.
Со овие дејствија биле набавени 10 електрични автобуси во вредност од 429.933.595 денари, а според полицијата, се предизвикала материјална штета од поголеми размери и е доведена во прашање безбедноста и веродостојноста на техничките спецификации.
Костадинов ги отфрла сите сомнежи, нагласувајќи дека проектот е од стратешко значење за општината, дека сите процедури биле спроведени според закон, и дека сите инволвирани лица стојат на располагање на надлежните институции за појаснување на постапката.
„Проектот функционира беспрекорно, а политички коментари нема да давам“, изјави Костадинов.










































