коментира: ДИАНА ТАХИРИ
Училиштата во општина Чаир со години се соочуваат со неопремени училници, руинирани тоалети, несредени дворови и изнајмување внатрешни и надворешни простори за лични финансиски придобивки на штета на учениците и објектот. Во општина Чаир целодневна настава се одржува само во едно училиште, заради недостиг на простор и квалитетен просветен кадар, а веќе 30 години, бројот на учениците во класовите достигнува и 40, што се коси со сите наставни стандарди.
Во средина со етничко мнозинство жители не би требало да биде проблем институциите да се именуваат со имиња на јазикот на заедниците, бидејќи тое е еден од начините со кои зачувуваат историските вредности на еден народ, и затоа, во општество што се стреми кон негување различни вредности, би требало да биде нормален процес, а не предмет за меѓупартиско препукување на штета на граѓаните. И секако, на учениците.
Квалитетот на наставата и наставните кадри тешко дека ќе се поправат со смената на имињата на училиштата, и тешко дека ќе се подобрат условите во кои учениците го поминуваат поголемиот дел од денот, 5 дена неделно. Сменувањето на имињата на училиштата само еден месец пред парламентарни избори, е типична изборна манипулација и злоупотреба, со којашто, исто така, тешко дека ќе се добијат повеќе гласови. Особено не, ако таблите со имињата висат над главите на децата, како потсетник на партијата што ги злоупотребува…