„Она што во суштина ја одбележа 2017 година е упадот на толпа луѓе во Собранието и физичкиот напад на пратениците. Сметам дека мора да има судска разрешница и дека виновниците, сторителите и организаторите кои и да се мора да бидат ригорозно казнети за во иднина да не ни се случуваат ниту приближно такви нешта“, вели новинарот Томислав Кежаровски, во разговор со ЦИВИЛ Медиа за перспективи 2018.
„Во 2018 година очекувам агресивен настап на политичката елита во делот на надворешната политика. Тоа подразбира надминување на сите недоразбирања со соседите. Исто така очекувам уште поагресивен настап во седиштето на Европската Унија за докажување на тоа дека нам всушност местото ни е онаму каде што и географски припаѓаме, а тоа е Европа. Сметам дека надминувањето на политичката криза и веќе етаблирањето на новата влада, без оглед на тоа кој ја предводи, ќе доведе и треба да доведе до посериозни инвестициски зафати, посериозен влез на странски капитал и, на крајот на краиштата, владата мора да се зафати со изнаоѓање на начин на намалување на невработеноста. Но, не само административно, туку онака како што навистина треба“, вели Кежаровски.
Овој разговор е дел од серијата видео-изјави под заеднички наслов „Перспективи 2018“ во кој учествуваа околу 20 врвни експерти и претставници на граѓанското општество.
„Перспективи 2018“ е дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска
Обработка на текст: Маја Ивановска