„Државата требаше да го заштити и да го искористи како човек, кој бил жртва на еден систем“, „Никако не смееше да замине, требаше да му се даде поддршка, малку повеќе да се заинтересира нашето граѓанство“, „Кежаровски замина како последен емигрант“… Ова се дел од размислувањата на граѓан(к)ите коишто, екипата на ЦИВИЛ Медиа ги анкетираше во центарот на Скопје, барајќи одговор на прашањето: Требаше ли да се дозволи, новинарот Томислав Кежаровски да замине од Македонија?
Заминувањето на новинарот, Томислав Кежаровски од Македонија ја разбранува македонската јавност. Се отвори прашањето, зошто во медиумската сфера во Македонија, постизборно не се најде место за борецот за слобода на говор, којшто од 2013 (осуден на 4,5 години затвор, за потоа, казната да му биде намалена на 2 години) до 2015 година помина над 20 месеци во притвор и во куќен притвор. Обвинителството го обвини, а судот го прогласи за виновен за наводно откривање на идентитет на заштитен сведок, кој подоцна на сду призна дека лажно сведочел под притисок!
Кежаровски тврдеше дека го гонат, зашто работи на расветлување на несреќата во која што загина новинарот, уредник на „Фокус“, Никола Младенов. Македонската продемократска јавност, еснафот, со протести бараа ослободување на Кежаровски од притворот со политичка заднина.
По издржување на казната, соочен со посттрауматски шок, Кежаровски храбро ја водеше битката за да обезбеди егзистенција за своето семејство. Оставен без избор, тој ја прифати поканата од Фондацијата за помош на политички прогонети лица од Хамбург и следнава година ќе престојува во Германија, активно вклучен во програмата на Фондацијата.
Текст и монтажа: Моника Талеска
Камера: Дехран Муратов