„Уставните измени треба да поминат според мене од секој оној пратеник кој им мисли добро на државата и на идните генерации. Таа е единствената девиза која треба да не води во целиот овој процес на уставни измени“ рече директорката на УЈП и потпретседателка на СДСМ, Сања Лукаревска во „Клик плус“ на ТВ21.
Таа додаде дека доколку некој смета дека не треба да ги гласа уставните измени тогаш тој не ѝ мисли добро на државата.
„Наша обврска, како проевропски ориентирана партија бидејќи трите постулати кои ги имавме кога дојдовме на власт, едниот постулат беше влезот на НАТО, едниот влезот во ЕУ и тоа е нашата цел кон која се движиме секојдневно. Поминавме многу пречки на патот и секако дека уште многу пречки не очекуваат“ рече Лукаревска.
Потпретседателката на СДСМ рече дека оваа шанса е една и единствена и дека секојдневно гледаме како видни меѓународни личности доаѓаат бидејќи сакаат да ѝ помогнат на нашата држава.
Лукаревска во интервјуто истакна и дека е потпишан колективен договор во петокот меѓу „Солидарност“ и УЈП и добиено е позитивно мислење од страна на Министерството за финансии.
„Вработените во УЈП ќе добијат покачување на платата“ изјави директорката на УЈП.
Таа додаде дека веќе од следната плата вработените во УЈП ќе го имаат покачувањето од 30 отсто и кажа дека овој договор е постигнат колегијално и транспарентно со мирно решавање на спорови.
Директорката на УЈП рече дека на процесот пристапиле внимателно, со цел да се спречи ефектите од евентуалниот штрајк и неуспешност за договор да ги почувствува целата држава.