Левица излезе со реакција на одлуката за прифаќање на името Република илинденска Македонија за севкупна употреба. Во нивното соопштение го осудија ваквиот чин на премиерот Зоран Заев и, како што велат, палтронскиот однос на владејачката коалиција.
„Левица се залага за итен и безусловен прекин на преговорите за името и отпочнување на меѓународно-правна процедура, преку Генералното собрание на Обединетите нации, за полноправно членство на Македонија под нејзиното уставно име“, се вели во соопштението.
Од таму потсетуваат дека Македонија се соочува со покритични проблеми за решавање, како што е иромаштијата, здравството, образованието и судството, а не прифаќање на губитничка позиција за името на државата.
„Левица е за постигнување на сериозен билатерален inter partes договор со Грција, врз основа на почитување на правото на самоопределување! Во случај на иден референдум на државно ниво, Левица ќе ја предводи кампањата против промена на името“, стои во соопштението на Левица.
М.Л.