Можностите за продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Бугарија ќе бидат разгледани денеска на средба во Скопје каде покрај бизнисмените и претседателите на стопанските комори најавено е присуство и на македонскиот и бугарскиот претседател Ѓорге Иванов и Румен Радев.
Главен акцент се очекува да биде ставен на потребата за побрзо решавање на клучните прашања од кои влијае обемот на соработката, пред се на транспортната и енергетската инфраструктура и спроведувањето на формалностите на граничните премини
– Решавањето на овие клучни прашања ќе придонесе за забрзување на вкупните транспортни операции меѓу двете земји, а со тоа и експанзија на обемот на билатералната стоковна размена, велат од Стопанската комора на Македонија.
Официјалните статистички податоци покажуваат дека вкупната трговска размена меѓу Бугарија и Македонија во 2017 година изнесувала 665 милиони американски долари што претставува раст од 19,13 проценти споредено со 2016 година. Извозот од 333 милиони долари има раст од 35,1 отсто, а увозот од 332,1 милиони долари, бележи зголемување од 6,54 отсто во споредба со 2016 година.
Минатата година, Бугарија била шести надворешно-трговски партнер на Македонија.
Во извозот најмногу се застапени рудите на олово, бакар и цинк, тутунот и плоснатите валани производи од железо или нелегиран челик. Во структурата на увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, електричната енергија, шипките и прачки од железо и нелегиран челик…
Од 2010 до 2017 година во надворешно-трговската размена меѓу двете земји се забележува константен трговски дефицит на македонска страна, кој највисок бил во 2011 и 2012 година. Сепак, минатата година забележан е суфицит на македонска страна во висина од 0,83 милиони САД долари, кој се јавува за прв пат во последните седум години.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.