Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија (21 јуни 2016 година): Продолжува расправата за одговорност на Ѓорге Иванов || Во тек е куќниот притвор за градоначалникот Талески || Коѕиас: Прво да се реши името, па потоа преговори со ЕУ || Следниот период клучен за Македонија || Нема најава за нови преговори || Нападната членка на Левица || Ден после протестот на Шарената револуција
Продолжува расправата за одговорност на Ѓорге Иванов
Собранието на Македонија ја продолжи расправата за Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов, поднесен од пратениците од опозицијата, најави претседателот на парламентот Трајко Вељановски по вчерашната дебата за импичментот. Во тек на собраниската дебата, што се одвиваше четврти ден, пратениците ги повторија ставовите во врска со одговорноста на претседателот Иванов за одлуката за аболиција која подоцна ја повлече.
Во тек е куќниот притвор за градоначалникот Талески
Решението за куќен притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески е доставено вчера и оттогаш формално тече мерката куќен притвор од 30 дена за него. Во меѓувреме, иако Талески ја обжали одлуката пред Апелационен суд, од повисокиот суд велат дека жалбата се уште не е стигната кај нив. Се чека Кривичниот суд да ја комплетира жалбата, по што таа ќе биде испратена до Апелација.
Коѕиас: Прво да се реши името, па потоа преговори со ЕУ
Не – за европски санкции и јавни притисоци врз Македонија, да – за подипломатско делување за да се развие култура на демократски дијалог и компромиси и да се стави крај на иредентистичките тенденции на македонската Влада. Со овие ставови настапил грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. Коѕиас испратил порака дека Грција ја поддржува Македонија и нејзината европска перспектива, меѓутоа инсистирал дека не спорот за името, туку недостатокот на демократија создава проблеми и ја кочи Македонија да започне преговори со ЕУ.
Следниот период клучен за Македонија
Брисел денеска повторно ги повика македонските политички лидери да седнат на преговарачката маса и да создадат услови за веродостојни избори и истакна дека следните недели се клучни за европската иднина на Македонија. Советот за надворешни работи вчера разговараше за ситуацијата во поранешната југословенска Република Македонија. Како што истакна високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, постои многу јасна согласност меѓу земјите членки за потребата политичките лидери во земјата да се вклучат во отворен дијалог, да се имплементира Договорот од Пржино и да се создадат услови за веродостојни избори, да се развие владеењето на правото, да се поддржи работата на Специјалното јавно обвинителство и да се имплементираат реформските приоритети – соопшти Маја Коцијанчич, портпаролката на шефицата на европската дипломатија.
Нема најава за нови преговори
Нема најава за продолжување на преговорите меѓу четирите партии. Главните опоненти, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не се откажуваат ниту од своите позиции, ниту од дијалогот којшто треба да резултира со целосна примена на Договорот од Пржино постигнат минатото лето. Иако не постои конкретна иницијатива за нова средба, ниту меѓу преговарачките тимови, ниту на лидерско ниво, во ВМРО-ДПМНЕ се оптимисти дека наскоро може да дојде до напредок.
Нападната членка на Левица
Две маскирани лица, по синоќешниот протест, и довикувале на девојка, член на Левица, со зборовите: „Ќе видите дали нема правда“, а потоа и физички ја нападнале. Од нападот, девојката се здобила со полесни телесни повреди и модринки по телото. Од партијата велат дека случајот ќе го пријават во МВР, но не очекуваат тој да биде расчистен.
Ден после протестот на Шарената револуција
Протестот на Шарената револуција, што се одржа синоќа, како одговор на неисполнетите барања кои со ултиматум беа упатени до Владата и до Уставниот суд, собра повеќе десетици илјади граѓанки и граѓани од цела Македонија, под паролата “Граѓаните доаѓаат по правдата”. Покрај големата излезност, мотивациските и инспиративни говори и мирната – ненасилна атмосфера, без апсења и повредени, по завршувањето на протестот, сепак, останаа многу неодговорени прашања: кои ќе бидат следните активности, што ќе се случува по протестот и дали се исполнети очекувањата?
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]