Мигрантските кампови повторно се вратија на политичката сцена. Според „Тајмс“, Владата на Мицкоски преговара со Велика Британија за отворање кампови во Македонија, и покрај порано дадените уверувања дека тоа нема да се случи.
„Тајмс“, еден од најреномираните британски медиуми, објави дека Владата на Мицкоски официјално преговара со Велика Британија за отворање мигрантски кампови во Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, кој порано уверуваше дека „шанса нема“ да има кампови, сега преговара да ја направи Македонија депонија за мигранти, со што, според СДСМ, државата станува периферна зона на Европа.
Според информациите од „Тајмс“, разговорите почнале уште во раната есен, а за секој примен мигрант Владата ќе добива финансиски средства од Британија. Мигрантите ќе можат да бараат азил и да работат во Македонија, што значи потенцијално трајно населување и отворање на пазарот на труд за градежништво и други сектори.
СДСМ потсетува дека истата ВМРО–ДПМНЕ која претходно организираше протести против „измислени кампови“, сега ја спроведува нивната реализација. „Ова е најголемото политичко предавство – продажба на суверенитетот, безбедноста и иднината на граѓаните“, велат од СДСМ.
Партијата најостро се спротивставува на ваквите тајни договори и бара Мицкоски веднаш да ја објави целата содржина на преговорите со Британија. „Граѓаните мора да знаат дали за неколку милиони евра се подготвува да ја претвори Македонија во најголемиот мигрантски центар на Балканот“, додаваат од СДСМ.
Британската амбасада во Скопје: Обединетото Кралство со Северна Македонија „соработува во борбата против нерегуларната миграција“
Обединетото Кралство последниве години инвестира милијарди фунти во програми за контрола на миграцијата и гранична безбедност на Балканот. По последната изјава на Фејсбук на Британската амбасада во Скопје дека со Северна Македонија „соработува во борбата против нерегуларната миграција“, повторно се отвори прашањето – што навистина стои зад ова партнерство и дали тоа има врска со шпекулациите за можни мигрантски кампови во земјата.
„По клучната средба помеѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај, воспоставија Стратешко партнерство насочено кон долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка за продлабочување на соработката и зајакнување на стабилноста и просперитетот во двете земји. Владата на Велика Британија и Северна Македонија потпишаа договор за реализирање критични инфраструктурни проекти, а соработката беше потврдена и на Берлинскиот процес во октомври.
Двете држави соработуваат и преку Заедничката работна група за миграции за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнувајќи ја безбедноста. Стоиме цврсто со нашиот НАТО сојузник 🇲🇰 за просперитет, безбедност и економски раст“, порачаа од британската амбасада во Скопје.
„Стратешкиот договор со Велика Британија е за пријателство, економски раст и соработка во повеќе области. Градење мигрантски кампови не е побарано ниту било ми паднало на памет“, рече тој, додавајќи дека договорот предвидува инвестиции во инфраструктура, железници, автопатишта, болници, образование и други сектори во вредност од шест милијарди евра.