Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, денеска треба да ѝ предаде аудио снимки на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во кои, како што тврди тој, се слуша гласот на доскорешниот премиер Зоран Заев.
Тој утрово во 9 часот, како што најави вчера, треба да биде во просториите на обвинителството, а снимките тврди се поврзани со аферата „Рекет“.
„На моја иницијатива, ќе остварам средба со г-ѓа Вилма Русковска. Целта на закажаната средба е на обвинителката да ѝ го предадам аудиоматеријалот доставен од укажувач, а на кој се препознава гласот на поранешниот премиер Зоран Заев. Во прилог на овој материјал ќе го доставам и транскриптот од чија содржина произлегува сомнеж за тоа дека господинот Зоран Заев бил во тек со нелегалното финансирање на ‘Меѓународниот сојуз’ на Бојан Јовановски преку рекетирање на стопанственици, како и дека тој лично од позицијата премиер го помагал финансирањето на телевизијата 1ТВ. Се надевам дека овој материјал ќе му биде од корист на обвинителството во покренатото обвинение за овој предмет“, најави вчера Милошоски.
извор: 360 Степени