• Latest

Министерот за здравство има одговор на секое прашање и решение за секој проблем

August 19, 2018
Супорт Кочани, фото Х

„Супорт Кочани“ со герила акција на плоштадот во Скопје: „Толку ли брзо нè заборавивте“

May 9, 2025

(ВИДЕО) Со „Шерман“ повторно против фашизмот – на Илон Маск

May 9, 2025

24 ЧАСА: Европа посилна од Путиновата воена пропагандна парада; „Супорт Кочани“ со герила акција на плоштадот во Скопје: „Толку ли брзо нè заборавивте“; Уште едно убиство, застрелан турски студент во кафуле во Штип

May 9, 2025

Денот на Европа – сидро на стабилноста наспроти Путиновата пропаганда

May 9, 2025

Одбрана на демократијата: Обнова на довербата во демократските институции и процеси

May 9, 2025
Никица Корубин

(Де)исламизирана албанофобија

May 9, 2025
Фото: На 7 мај, Јодл потпиша безусловен „Акт за воено предавање“, Wikipedia

Историски факти: Кога е Денот на победата над фашизмот

May 9, 2025

Ден на Европа: Зачетоци, формирање, значење и одбележување

May 9, 2025

Велика Британија објави нов пакет санкции против Русија кои вклучуваат директори на нафтена компанија

May 9, 2025
Фросина Кулакова

Васил Јованов призна вина за прегазувањето на Фросина Кулакова

May 9, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ВЕСТИ

Министерот за здравство има одговор на секое прашање и решение за секој проблем

August 19, 2018 17:19
in ВЕСТИ, ПОЛИТИКА
Share on FacebookShare on Twitter

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче дава одговори на сите (и најжешките) прашања што му ги поставивме во ова ексклузивно интервју за ЦИВИЛ МЕДИА. Одговори на барањето за интервју во рок од неколку часа, без и најмал обид да влијае врз изборот на прашањата. Говори сталожено и самоуверено, како да го знае одговорот на сите прашања на светот.

Своевремено, во колумна за ЦИВИЛ МЕДИА, Сашо Орданоски напиша: „Д-р Венко Филипче, речиси ‘породениот’ нов министер за здравство во владата на Заев, е типичен производ на македонскиот здравствен ‘преплет на црева’: тој е фален стручњак во својата неврохирургиска област, но со политички доволно лабилни ставови и со роднинско-зетовски комплексни врски и пријателски релации кои го прават прифатлив за која било постава што владее со македонското медицинско и здравствено ‘надземје’ и ‘подземје’.“ Некои од скандалите избија веќе во самиот почеток на неговото министерување, а некои од нив сѐ уште го потресуваат неговиот ресор.

Министерот Филипче „ладно“ ги дисквалификува сите наводи за негова вмешаност во скандалите или лошите практики, а притоа нуди детални решенија за проблемите што произлегуваат од грдите состојби и појави во македонското здравство. Решенијата и плановите за кои говори д-р Филипче звучат добро и ветувачки, но сето тоа е во идно време. Како и неговиот претходник, д-р Таравари, по чија оставка најчувствителниот, а веројатно и најзаболениот сектор во земјата беше обезглавен четири месеци.

Во ова интервју, Министерот Филипче одговори на жешките прашања за скандалите околу реагенсите, инсулинот, триаголникот Министерство за здравство – фармација „Пановски“ – Клиника за хематологија… Тој имаше одговор на секое прашање и план за решение на секој проблем.

ЦИВИЛ Медиа: За Вашето министерство периодов се врзуваат низа скандали како оној за реагенси, инсулин, триаголникот Министерство за здравство – фармација Пановски – Клиника за хематологија. Во јавноста се создава впечаток дека наследеното девастирано здравство никако не мрднува од мртва точка. Во овој момент има родители со болни деца во рацете и беспомошни се во лавиринтите на ова и вакво здравство.

Јавноста мора да знае кој е одговорен за овие тешки состојби? Граѓанките и граѓаните бараат лек за македонското јавно здравство? Каков лек нудите Вие како доктор и министер и во која временска и финансиска рамка?

Филипче: Би сакал на почетокот да напоменам дека во последниот период се изнесоа многу невистини и многу лаги, многу клевети. Не би сакал да верувам дека сето тоа е смислено за да се фрли дамка и врз мене и врз работата на министерството. Односно врз работата на целокупниот здравствен сектор во нашата држава затоа што тоа е едно многу сериозно дело, заради тоа што рушењето на довербата во нашиот здравствен систем создава несигурност кај сите потенцијални пациенти, односно кај граѓаните.

Не постојат апсолутно никакви триаголници, четириаголници или повеќеаголници. Не постојат никакви релации со никакви веледрогерии и компании. Ниту ме интересира, ниту можам да знам, кој и каде, што продава. Впрочем, Министерството за здравство нема никаква ингеренција во вршење на било каков план, процес на планирање на набавката во клиниките или во која било друга јавна здравствена установа.

Во однос на набавката на реагенси веќе неколку пати се произнесов и сега би сакал да повторам. Станува збор за еден нов концепт. Новиот концепт значи централизирана набавка. Централизирана набавка значи максимална контрола на потрошувачката и на резервите. Значи унифицирање на квалитетот. Значи сериозна заштеда, но истовремено значи и сериозно подобрување на квалитетот на услугата кон нашите пациенти односно кон граѓаните. Заради тоа што тоа се современи европски системи коишто сакаме да ги имплементираме во нашето здравство.

Сметам дека дел од нападите коишто во изминатиов период се должат на тоа дека на некои луѓе очигледно им одговара да продолжи системот во којшто ловеле во матно, во којшто имале огромни провизии. Систем којшто до сега носел огромна штета на целокупниот наш здравствен систем.

Сакаме да го промовираме системот на рационализација. Сакаме да го промовираме системот на подобрена здравствена услуга и сакаме со тоа да ги вратиме парите во нашиот здравствен систем коишто ќе значат и нови болници, но ќе значат и повисоки плати за лекарите и медицинските сестри.

ЦИВИЛ Медиа: Постојат оддели како неврохирургија во Градската болница кои функционираат со само еден единствен доктор. Колку вакви одделенија има во земјата? Не ли е тоа противзаконски имајќи го предвид фактот дека за 24 часовно дежурство потребни се најмалку 6 доктори?

Филипче: Во градската болница св. Наум Охридски има двајца неврохирурзи, меѓутоа тоа што нема повеќе неврохирурзи е резултат на лошото планирање. Токму затоа ние правиме систем на регионализација. Тој систем на регионализација значи дека точно ќе се знае во која болница, не само во градот Скопје и на која клиника, туку и во кои болници надвор од градот Скопје поточно низ целата држава, какви доктори и од кои специјалности ќе има. Точно колкав број ќе има и во која насока ќе се едуцираат.

За да создадете еден доктор, требаат повеќе години. Не само 5-6 години специјализација, туку и еден период во којшто тие доктори ќе стекнуваат искуство. Тоа е еден долготраен процес. Затоа тоа бара сериозно и стратешко планирање. Тоа што досега немало планирање не довело до тоа многу одделенија во државата немаат соодветен број на доктори.

Можете да замислите дека за време на последниот конкурс во битолската болница се јавија три пати повеќе доктори од местата коишто беа распишани. Потребни се четвртина од вкупниот број на вработени за болницата оптимално да работи. Тоа до сега значело дека се работело неплански и дека немало апсолутно никакво планирање на потребниот кадар.

Процесот нема да биде лесен. Процесот ние веќе го започнавме. Направивме огромен број на вработувања, околу 1500 во изминативе 6 месеци. И тој тренд ќе го продолжиме и понатаму. Но, ќе развиеме и нов систем на упатување на пациентите. Создавање на центри коишто ќе имаат високо ниво на експертиза, а мала фреквенција и центри коишто ќе имаат повисока фреквенција за пониско ниво на експертиза. Сето тоа се модели коишто функционираат во развиените европски земји. Тие модели сакаме да ги имплементираме во нашето здравство. Почнавме со процесот. Ја користиме експертизата од сериозни меѓународни институции и на тој начин сметаме дека во следниот период ние ќе тргнеме кон вистинскиот пат на реформи на нашиот здравствен систем.

ЦИВИЛ Медиа: Зборувате за регионални центри?

Филипче: Зборувам за регионални центри во клиничките болници надвор од Скопје. Точно треба да се знае, а анализата веќе ја направивме, колку доктори од која специјалност ќе работат. Кои пациенти ќе се третираат во тие регионални центри, а тоа ќе го знаат службите за итна помош од регионите, а кои пациенти ќе се упатуваат директно во Скопје.

На тој начин ќе се скрати времето на пристигнување до соодветна болничка установа, а сето тоа значи и намалување на бројот на компликации.

ЦИВИЛ Медиа: Во контекст на ова, тогаш претпоставувам дека сакате да кажете дека не е толку сериозен недостигот на медицински персонал?

Филипче: Така како што сега е поставен системот, тоа апсолутно претставува сериозен проблем. Знаејќи дека не можеме да го надополниме бројот на здравствени работници, толку колку што е потребен, така како што е системот сега конструиран, процесите ги работиме паралелно. Истовремено примаме доктори и сестри, таму каде што сметаме дека треба и таму каде што сметаме дека треба да се развие соодветна специјалност.

ЦИВИЛ Медиа: Како планирате да го спречите одливот на медицински кадар надвор од земјата?

Филипче: Веќе направивме неколку чекори. Веќе го почнавме процесот на прием, како што напоменав, на доктори и медицински сестри, ги зголемивме платите преку зголемување на надоместокот за дежурства, во некои здравствени институции. Вкупната сума на пари којашто докторите ја земаат затоа што се зголемија примањата коишто докторите ги добиваат за дежурства и ноќни смени се зголеми за 30-40%. Што не се случило во изминатите повеќе децении.

Дополнително, од септември за 5% ќе се зголемат платите. И дополнително како што ветивме до 100.000 денари од почетокот на следната година па понатаму. Но, не сметаме дека само ова е мерка којашто ќе ги задржи младите доктори во нашата земја. Сакаме да го подобриме системот на едукација.

Разговараме со неколку универзитети за градење на заеднички програми за специјализација заедно со нашиот медицински факултет. Разговараме со еминентен универзитет од Италија за формирање на група на студенти коишто ќе студираат по нивен модел и нивна програма, на англиски јазик на нашиот медицински факултет.

Понатаму, веќе започнаа да доаѓаат доктори од странство, коишто работат со нашите лекари тука. На тој начин се подига нивото на експертиза на нашите лекари. Исто така разговараме со неколку земји за неколку групи на наши лекари да заминат на едукација во странство. Но, точно испрограмирана едукација од којашто ќе знаеме каков бенефит ќе имаат нашите доктори, а не едукација којшто ќе се сведе само на туризам и шетање.

ЦИВИЛ Медиа: Доколку не успее овој план за којшто зборувате за задржување на медицинскиот кадар во земјата, кој ќе работи во новиот клинички центар? Имате ли план Б?

Филипче: Недостаток од медицински кадар има насекаде. Има во земјите од регионот, а има и во развиените европски земји. Впрочем, нашите доктори заминуваат во Германија затоа што тие самите се соочуваат со еден таков недостаток. Меѓутоа, со оглед на бројот на лекари со коишто ние сега располагаме, а се невработени, понатаму, со оглед на завршните лекари од медицинскиот факултет, со оглед на мерките коишто ги преземавме за едукација и зголемување на платите и со оглед на моделите на приватно – јавно партнерство, коишто сакаме да ги развиеме со нашите постоечки приватни болници, каде што ќе им дозволиме на нашите доктори за на многу поволен начин за нив, работат како дополнителна дејност во тие приватни болници, сметам дека тоа ќе биде еден успешен модел, којшто нашите лекари ќе ги натера да останат во земјата и не само тоа. Туку да бидат задоволни од тоа како заработуваат и со кој квалитет се извршува таа здравствена дејност.

ЦИВИЛ Медиа: Дали се точни информациите дека е пренаменета локацијата за изградба на новиот клинички центар од населба Злокуќани во општина Петровец?

Филипче: Не тоа не е точно. Единствена локација на која што веќе се работи е општина Карпош, во населбата Злокуќани. Којашто според генералниот урбанистички план веќе е наменета да биде болница. Постои работна група којашто ја сочинуваат членови од Министерството за здравство, Министерство за транспорт и врски, Градот Скопје, општина Карпош и Агенцијата за катастарски услуги, коишто работат на терен. Се евалуира земјиштето. Во септември месец, ќе започне една сериозна анализа на нашиот целокупен здравствен систем од страна на комисија во којашто ќе членуваат експерти од европската комисија, експерти од ЦЕП банката во Париз, и нормално, наши експерти, врз основа на којашто анализа ние ќе знаеме точно колкав и каков клинички центар нам ни е потребен. Со колку легла и со какви специјалности.

Сакаме тоа да биде еден мал медицински град во којшто ќе го префрлиме и медицинскиот факултет, во којшто ќе има и центар за истражување, каде што ќе се надоградуваат и студентите но и младите специјализанти и доктори.

Сметам дека веќе на почетокот на следната година ќе ја имаме контурата на тој клинички центар.

ЦИВИЛ Медиа: Демантиравте дека сте потпишале договор во 4 очи без тендер за штипскиот бункер за акцелератор, но штипската болница и понатаму стагнира со изградбата?

Филипче: Еве би сакал да објаснам за што станува збор, заради тоа што се изнесе една таква шпекулација. Станува збор за кредит од ЦЕП банката од Париз. Во првата фаза од кредитирањето се одело со тендерски постапки и две тендерски постапки биле неуспешни. Во меѓувреме започнала втората фаза од кредитирањето во којашто ЦЕП Банката работи според нивните принципи. Тие ја преземаа одговорноста да го довршат бункерот во склоп на истата сума на пари со којашто се гради самата болница. Дополнително на тоа неискористените пари, заради пропаднатите тендерски постапки сега нас ни остануваат слободни и ќе ги искористиме за некои други наши здравствени институции. На некој начин, ние заштедивме пари. Значи, нема никаков договор потпишан во четири очи. Се е според процедурите и регулациите од ЦЕП Банка, односно Законот за задолжување во којшто се исклучува нашиот Закон за јавни набавки.

Изградбата на штипската болница на почетокот на годината ние ја затекнавме комплетно стопирана. Немаше работници на терен. Имавме повеќе состаноци со изведувачот и подизведувачите. Во меѓувреме работата тргна и сега се работи со забрзана динамика. Многу е веројатно дека ќе има доцнење, од првичните рокови. Искрено мислам дека до крајот на 2019 година таа болница ќе може да биде завршена.

ЦИВИЛ Медиа: Дали постојат штетни договори направени од страна на претходната власт од кои најголема штета трпат јавното здравство и Буџетот на Р.М.?

Филипче: Навистина е тешко да се зборува дали имало штетни договори, со оглед на тоа што имало огромен број на договори. Ние немаме механизам со којшто можеме сето тоа да го провериме и да анализираме. Има институции во државата коишто сето тоа можат и треба да го прават.

Тоа за што би можел да зборувам се договорите коишто сега ги правиме. Како ги правиме, како ги димензионираме, како со тие договори сакаме да ја подобриме здравствената услуга кон пациентите.  Што мислам со ова? Во меѓувреме го сменивме Законот за паралелен увоз. Бараме сертификати за квалитет на сите лекови коишто се внесуваат во земјата. Нешто што не беше случај до сега. Бараме резерви за лековите коишто ги увезуваме за да не се случи дефицит како што тоа било правено до сега.

Внесуваме нови лекови. За прв пат после пет години ќе побараме нов тип на инсулин во нашата земја. Нов тип на таблети за дијабет. Понатаму, за прв пат после многу време воведовме неколку нови лекови за ретките болести. И сето тоа се работи за коишто сметаме дека сериозно ќе ги осетат пациентите. Значајно ќе им се олесни процесот на лекување. Сите тие процеси се транспарентни и во сите тие процеси се вклучени здруженијата на коишто се однесуваат овие терапии. Тие за прв пат имаат пристап и увид во тоа како и што ние работиме.

ЦИВИЛ Медиа: Што се случува со апаратите кои беа набавени од минатата власт? Сѐ уште чекаат на обучен кадар или се распределени на погрешни места?

Филипче: Дел од апаратите се во функција. Дел ги затекнавме неискористени во јавните здравствени установи за коишто едноставно немаше специјалисти коишто би можеле да ги користат. Тие ги префрливме во болници во коишто беа и тоа како потребни. Постојат уште неколку акцелератори коишто се користат за онколошки пациенти коишто ги чекаат да се завршат објектите во коишто треба да бидат сместени.

Тоа се бункерот во болницата „8ми септември“, понатаму, уште еден бункер тука во Клиниката за онкологија и овој бункер којшто го спомнавме во штипската болница.

Сето тоа што ние од сега натаму го правиме е добро планирање . Да не се случи да стојат неотпакувани апарати ниту пак да бидат дистрибуирани онаму каде што не би можеле да се користат.

ЦИВИЛ Медиа: Најавивте плата од 2000 евра до крајот на мандатот. На што точно мислите имајќи го предвид искуството дека мандатот на министерот за здравство може да трае прилично кратко, како во случајот со Таравари?

Филипче: Најавивме плата од 100.000 денари, тоа се нецели 2000 евра и се прават пресметки во Министерството за финансии заедно со Фондот за здравствено осигурување и сето тоа планираме да стартува од почетокот на следната година. Би сакал да напоменам дека постојат здравствени институции во коишто докторите заработуваат значајно повеќе од тоа што заработуваа до сега со зголемувањето на сумите за дежурство. Меѓутоа, ние тоа го најавивме за сите специјалисти во нашата држава и тоа ветување ќе го исполниме.

ЦИВИЛ Медиа: Сето ова што досега го кажавте звучи идилично и влева некаква надеж за перспективите на јавното здравство. Но, ајде да разгледаме еден пример од секојдневието на граѓаните.

Дежурните лекари на клиника не можат да издадат рецепти, па така пациентите што добиле некаква здравствена услуга на клиника и имаат итна потреба од антибиотици или друг вид лекови, мораат приватно да ги платат во дежурните аптеки, а уредно платиле здравствено осигурување. Дали знаете за тоа и дали ќе преземете некаква мерка да не ги изложувате пациентите на двојни трошоци?

Филипче: Не сите лекари можат да препишат лек на рецепт. Меѓутоа пациентите тоа може да го направат преку своите матични лекари. И тоа е систем којшто функционира. За огромен процент од лековите има лекови на рецепт коишто се добиваат без доплата. На барање на пациентот, може лекот да се доплати затоа што бараат некое друго брендирано име или некој друг производител.

Ние веќе започнавме со работа на еден процес, којшто го имплементираме во Фондот за здравствено осигурување, заедно со директорите во фондот во којшто работиме и веќе го најдовме моделот по којшто пациентите понатаму нема да се соочуваат со недостиг на лекови во аптеките по одреден датум во месецот. Стануваше збор за промена на начинот на исплата на лековите кон аптеките. Тоа е нешто што како модел е завршено. Се прават уште финални анализи за да се види дали е тоа моделот којшто успешно ќе функционира во секоја аптека. Заради тоа што не секоја аптека е иста според капацитетот, големината и според квотата. И тогаш кога ќе бидеме сигурни дека тој модел може да се имплементира буквално во секоја аптека во државата, тогаш ќе биде имплементиран преку управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување.

ЦИВИЛ Медиа: Од непотврдени извори се дознава дека доктори од странство оперираат, добиваат кеш на рака, а на отпусна листа стои име на друг доктор? Колку има вистина во овие и другите чаршиски муабети за големите сплетки во и околу здравството? Кој е вашиот коментар на сето ова?

Филипче: Одговорно ви тврдам дека тоа не е точно. Точно е дека има доктори од странство коишто работат со наши доктори меѓутоа тоа е строго контролиран и уреден процес. Сите тие доктори имаат договори со Министерството за здравство и со соодветните клиники. За што се и официјално и уредно платени. За што имаат лиценци од Лекарската комора на Македонија и сите тие се еминентни стручњаци во своите земји во соодветните области. Тоа е процес којшто добро функционира заради тоа што пред се одлично се подига нивото на експертиза на нашите лекари. Второ, дел од тие пациенти за коишто тука нема доволна експертиза, на поинаков начин би требале да заминат на лекување во странство. Значи и пациентите остануваат тука и нашите лекари се едуцираат. И целокупниот тој процес, ако се калкулира платата на овие лекари коишто официјално ја добиваат е многу поевтин од упатување на пациентите во странство.

ЦИВИЛ Медиа: Колку навистина имате слобода да одлучувате за вашето министерство, односно колку можете да работите без притисок од политичките партии особено кога станува збор за поставување на медицински кадри во установите?

Филипче: Станува збор за процес којшто поминува во неколку фази. Се бара одобрение од нашето Министерство за здравство, соодветните јавни здравствени институции, понатаму во Министерството за финансии се одобруваат финансиски средства. Потоа има процес на тестирање во клиниките каде што се примаат кандидатите и на тој начин се финализира тој процес.

Знаете, во нашето опкружување и поднебје притисоци секогаш имало и ќе има и понатаму. Но, се обидувам тие притисоци едноставно да не допрат. Затоа што сметам дека треба да се примат најдобрите кандидати, и доктори, и медицински сестри. И тоа е еден од стимулите како нашите доктори да останат во нашата земја. Заради тоа што знаат дека нивното знаење се цени веќе на почетокот, а понатаму во развојот на нивната кариера дека тоа ќе значи и соодветен напредок во нивните професионални позиции.

Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Фотографија: Биљана Јордановска

 

 


Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста 

Преземање на содржините под различни услови од наведените не е дозволено, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.

Print Friendly, PDF & Email
Tags: Венко ФилипчездравствоинтервјуминистерскандалиЦивилЦивил Медиа
Share152Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Пандов љубител на костимирани настапи: ангелче, комита, моторџија, историчар, директор, а сега влезе и во мафијашки филм

    142 shares
    Share 57 Tweet 36
  • Зошто надворешната политика на владата на ДПМНЕ е антинационална и стана „тажната приказна“ на Балканот

    126 shares
    Share 50 Tweet 32
  • Тричковски: Медиумите се за граѓаните тоа што е златицата за компирите!

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
  • Мрежа за заштита на жените Ромки: Фемицидот врз Рамајана не е изолиран инцидент; 142 случаи на семејно насилство врз ромски жени регистрирани во 2024

    95 shares
    Share 38 Tweet 24
  • ПОРТОКАЛОВА ГЛАВА НА ТЕГЕТ ОДЕЛО: Трамп, дрско и без почит, во потрага по внимание на погребот на Папата

    92 shares
    Share 37 Tweet 23

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ