Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и Европската комисија денеска го поздравија договорот постигнат меѓу земјите членки на ЕУ за воведување дополнителен пакет санкции кон Русија, поради руската агресија врз Украина.
– Го поздравувам договорот за 14-тиот пакет санкции против Русија, наведе Мишел во објава на Икс.
Според него, овие нови мерки ги зајакнуваат сегашните санкции кон Русија и ги затвораат „дупките“ што постоеја во нив.
– ЕУ продолжува да ја ограничува руската воена машинерија за да стави крај на оваа нелегална војна. Остануваме силни, решителни и обединети зад народот на Украина, додаде Мишел во објавата.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер на денешниот редовен пладневен прес-брифинг изјави дека и Европската комисија го поздравува договорот постигнат меѓу земјите членки на ЕУ за нов пакет санкции кон Русија.
– Секако, очекуваме негово формално усвојување, по што ќе бидеме во можност да дадеме повеќе детали, додаде Мамер.
Белгиското претседателство со ЕУ, претходно денеска на Икс објави дека постојаните претставници на земјите членки на Унијата постигнале договор за нов, 14-ти, пакет санкции кон Русија.
– Амбасадорите на ЕУ штотуку се договорија за моќен и суштински 14-ти пакет санкции како реакција на руската агресија врз Украина. Овој пакет обезбедува нови насочени мерки и го максимизира влијанието на постоечките санкции со затворање на дупките, се додава во објавата на белгиското претседателство со Унијата.