„Владеачкото мнозинство се согласи на позициите на ВМРО-ДПМНЕ, односно неопходно носење на Закон за финансирање на политичките партии, а исто така и измени во Законот за Влада која што подразбира формирање на техничка влада по Пржинскиот концепт“, изјави претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по паузата на лидерската средба.
Мицкоски додаде дека, исто така, се согласиле за процедурата која што беше започната за формирање на Државната изборна комисија, преку измени на Изборниот законик, на начин кој што ќе го смени бројот на пратеници кои што ќе гласаат за членови, и ќе се врати старата процедура.
„До овој момент не преговаравме и не разговаравме за други теми, ниту за карактерот за референдумот, ниту за евентуалното референдумско прашање. Во втората половина на денот очекуваме и на тема да почнеме да разговараме. Но она што е важно е дека со овие усогласености што ги постигнавме во првата половина на денот се гарантира еден успешен изборен процес кога и да се случи, дали тоа ќе бидат на предвремени или на редовни парламентарни избори, опозицијата се чувствува удобна дека ќе ги има истите услови кои што опозицијата во демеври 2016 ги имаше“, додаде Мицкоски.
Законот за финансирање на политичките партии, според Мицкоски, е голем исчекор и на тој начин се добива еден модел кој ќе гарантира зголеменост на транспарентноста и оттчетноста на финансирањето на сите политички партии и ќе се превентира од евентуални злоупотреби во иднина.
А. Петровска