Премиерот Христијан Мицкоски и владината делегација долетаа во Виена во – како што се вели во извештаите – обид за интензивирање на економската соработка со Австрија.
Делегацијата, во која се вклучени вицепремиерот Александар Николоски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за животна средина Муамет Хоџа, има за цел да ги претстави можностите за инвестирање пред австриските стопански комори.
Клучниот мотив на ова патување на премиерот и неговата министерска придружба е трансформирање на традиционално добрите политички односи во конкретни економски резултати, при што Австрија се позиционира како клучен партнер за развој на македонската економија.
Мицкоски ја дефинира дијаспората како нераскинлив дел од државниот идентитет и потенцијален двигател на економскиот напредок. Премиерот упати директен повик до македонските иселеници во Австрија да размислат за враќање и вложување на својот капитал и знаење во Македонија. Тој тврди дека неговата влада работи на создавање на стабилна и предвидлива бизнис-клима за намалување на ризиците за инвеститорите.
На агендата е средба со австрискиот канцелар Кристијан Штокер, која треба да ги дефинира насоките за натамошна соработка, меѓу кои се наоѓа и идејата за организирање на бизнис форум каде ќе се презентираат конкретни деловни проекти пред претставници на стопанските здруженија од двете земји.
Џ. Д.












































