Министерството за образование и наука ги повика наставниците од одделенска настава да достават предлози и коментари за новите наставни програми што се подготвуваат во основото образование.
„За да создадеме што е можно подобар и поквалитетен образовен модел, сакаме да го слушнеме гласот и мислењето на лицата кои се секојдневно вклучени во образовниот процес, наставниците. За таа цел, Министерството за образование и наука бара и очекува од наставниците од одделенската настава, како и сите компетентни и заинтересирани лица, активно да се вклучат во процесот на градењето на новиот модел за основно образование и да достават свои критики, коментари и предлози за подобрување на новите наставни програми за прво одделение“, стои во соопштението на МОН.
Предлозите и коментарите наставниците, како што информираат од МОН, можат да ги достават на мејл-адресата [email protected], а, исто така, можат да ги достават и до архивата на Министерството за образование и наука (улица Св. Кирил и Методиј бр. 54).
Од Министерството велат дека наскоро очекуваат да ги добијат и новите наставни програми за второ и трето одделение.
Новиот образовен модел го подготвува Работна група која се состои од експерти во областа, професори од Филозофскиот и од Педагошкиот факултет, но и практичари во областа, односно наставници кои работат со деца од прво до трето одделение.
Извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.