пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Во право е ВМРО-ДПМНЕ, милиони евра се потрошија, не само оние во СЈО, туку целата држава потроши огромни суми пари, енергија, време, нерви, за да се приближиме, макар и малку, до идеите за владеење на правото, за правдата, слободата… Кога велиме државата, мислиме, пред сѐ, на институциите на системот во целост. Но, државата не е имагинарен, несфатлив и невидлив организам, туку тоа е и организирана политичка заедница од граѓанки и граѓани, територија каде што владее правото. Тоа чини пари, а парите ги даваат луѓето што се дел од таа држава. И, да, точно е, тоа чини пари, владеењето на правото е скапо. Што повеќе криминал, толку повеќе пари треба да одвои државата за владеење на правото. Бидејќи, луѓето бараат правда.
Треба ли да повториме? Штетите што ги нанесе режимот на Фамилијата и денес се чувствуваат. Изборите не донесоа таков распоред во Парламентот за да се обезбеди минимизирање на моќта на структурите што го спроведоа погромот врз демократијата и слободата. Поточно, силите беа донекаде изедначени. Не треба посебно да се потсетуваме на 27 април што беше политичко насилство со очигледни терористички елементи за напад врз системот, обид за преврат што и тој баланс требаше да го наруши во корист на криминалната клика. Нема ништо нејасно, нема ништо измислено во овој став. Тоа што, по таков настан, денес живееме во (речиси) нормална држава е чудо. Во вакви услови, други држави одамна би западнале во долготраен и жесток внатрешен конфликт, веројатно екстремно насилен.
Намерно или не, постојано се заборава дека бројот на гласачи во еден изборен процес и бројките во парламентарниот состав не значат легитимитет. Легитимитетот се гради врз основа на тоа колкав е придонесот за општата благосостојба на државата и сите нејзини граѓанки и граѓани, а потоа, се разбира, и на оние чии интереси ги застапува некоја партија. Затоа има еден Устав во државата, затоа партиите имаат обврска, при составувањето на своите статути и програми да водат сметка за уставноста, а не за интересите на партискиот султан и неговите послушници.
Затоа, легитимитетот на ВМРО-ДПМНЕ не може да се заснова исклучиво на бројките со кои располага. Парите и картелски организираната структура што им се на располагање (извор: сите бомби што ги слушнавме) можат да им дадат многу моќ. Но, прашањето за тоа дали тоа им носи и легитимитет лесно може да го одговори и неук човек.
Не се оградија од мрачното минато на спроведување авторитарен режим. Не само што не ги вратија парите, не само што не се извинија за сето структурно насилство, за сите опструкции и манипулации, за медиумската војна против своите граѓан(к)и, за разулавената силина на општиот грабеж, за изборните кражби, за 24 декември 2012, за 27 април 2017, за тепањето на студентите и затворањето на медиумите и новинарите, за убиствата… Не само што не се оградија, туку ги бранат своите постапки жестоко и со лажни вести, дезинформации и црна пропаганда. Не само што не покажаа барем привидна волја да променат нешто (кај себе), туку и архитектот на ова децениско лудило го задржаа како свој почесен претседател!
И после, се трошеле милиони за СЈО! Да, се потрошиле милиони за СЈО, но во споредба со сиот криминал и во споредба со сите пари што ги вложија за да се вгнездат и да останат моќни и по неуспехот да формираат влада, тоа се ситници. Во секој момент можат да извадат три пати по толку милиони за да го осуетат секој процес на враќање на демократијата и европскиот пат на земјата.
Навистина, СЈО можеби не успеа да ги открие и истражи сите криминали што произлегуваат од прислушуваните разговори, но причината за тоа лежи во последиците од организираната криминална структура што го одржуваше режимот и која сѐ уште е жива и моќна. И, на крајот на краиштата, нека биде и малку, но тоа што до сега го одработи СЈО, сосема е доволно да се истераат судските процеси до крај. Ако во само една третина од предметите на СЈО се докаже вината на обвинетите, тоа ќе биде доволно повеќе од половината влада на Груевски, сосе него, да замине на долгогодишен престој во затвор.
Каде е тука легитимитетот на оваа партија со која мора постојано да се оди на дополнителни „политички третмани“ (преговори) за да се направат и најмали чекори за нормализирање на државата? Мора, буквално сѐ, да помине низ филтерот на тие преговори, со заобиколување на сѐ што подразбира парламентарната демократија.
Можеби така мора да биде. Никој од нас, веројатно, не е свесен за чудовишните размери на милитантните и криминалните структури што се против македонската европска иднина. Не знаеме кој навистина седи на преговарачката маса. Можеби е и подобро така – да се оди меко, со компромиси, амнестии, со добри намери и позитивна енергија и пораки, па нека биде што ќе биде. Можеби тоа е подобро тоа, отколку да се оди со ѓон и по секоја цена. Макар и сосема да се испразни државата, а гробовите да ги обрасне плевел.
ПС. Ата, фала за инспирацијата за овој РАФАЛ, те честам пиво со швепс во првата наредна прилика!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.