Во тепачка во автобус на ЈСП, вчера со нож беше прободен еден средношколец. На видео снимката којашто се појави во медиумите и на социјалните мрежи, може да се види како специјалците и алфите го извлекуваат момчето од автобус за да го стават во амбулантно возило, а една жена (можеби беше медицинско лице) им заповедува на неговите другар(к)и: „Не се дери престани, не плачи, со тоа повеќе го паничиш детето што е повредено“!
А како тоа да не плаче и да не паничи кога пред очи и го прободеле другарот, братот, дечкото…!? Тие солзи и психо-физички повреди на младите, треба сериозно да ги паничи надлежните институции, особено МВР!
Пред извесен период во една колумна (објавена на 15 септември) посочувам: „Кој ќе поднесе одговорност ако при тепачка, некое дете/момче биде убиено?! Кој ќе биде виновен, родителите, МВР, наставниците/професорите, партиите, ѓаволот?! МВР треба сериозно да работи и да се посвети на безбедноста и слободата на младите. Можеби, секој ден треба да има полициска патрола на Автобуската станица, најчесто во периодот кога младите одат во и доаѓаат од училиштата, околу 12-13,00 часот и 18-19,00 часот. Порано, имаше неколку акции на полициските „алфи“ кои без најава се качуваа во автобусите и вршеа претреси на патниците. Не сум за такви акции, но за жал, ако мора, додека не се променат работите, нека се изведуваат и почесто, бидејќи така младите, во своите ранци можеби ќе носат училиштен прибор и книги, наместо палки, шипки, боксирачи, ножеви, синџири“…
ЦИВИЛ Центар за слобода, постојано повикува да запрат насилствата и пресметки. Надлежните органи треба час поскоро да им овозможат мирен и безбеден живот на сите граѓанки и граѓани, особено на младите.
Има една народна изрека: „Подобро да се спречи – отколку да се лечи!“ МВР се слушаме…?