Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани денеска потпишаа Меморандум за заедничка согласност за соработка.
Како што изјави министерот Оливер Спасовски, со ЗНМ се договориле за постојана комуникација со цел да се овозможи безбедно вршење на работата на медиумските работници
Министерот Спасовски, исто така, најави дека МВР и ЗНМ ќе соработуваат преку заедничка изработка на анализи и истражувања од областа на безбедноста на новинарите, а Здружението на новинарите на Македонија преку соодветни обуки ќе помогне во подготовката на припадниците на Министерството за внатрешни работи за медиумски настап, односно комуникација со медиумите во интерес на заштита и унапредување на правото на слобода на изразување во согласност со Европската Конвенција за човекови права.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани му се заблагодари на министерот Спасовски и рече дека потпишувањето на овој меморандум е многу важно поради неколку причини.
Селмани нагласи дека овој меморандум е од големо значење и ја демонстрира волјата на министерството за институционално решавање на проблемите што ги тангираат новинарите.
„Основниот проблем на новинарите во минатиот период беше нивната безбедност. Не може да се замисли улогата на медиумите во едно демократско општество ако новинарите не се чувствуваат безбедни во извршувањето на нивните професионални задачи. Во изминатите пет години како ЗНМ регистриравме над 50 напади на новинари, а институциите не успеаја да изведат пред лицето на правдата ниту еден од напаѓачите. Меѓу нив за жал имаше и припадници на полицијата“, истакна Селмани.
Б.Ј.