Министерството за здравство соопшти дека повеќе од еден месец се забележува стабилизација на епидемијата со Ковид-19 во земјава.
„Согласно извештаите на ИЈЗ бележиме тренд на зголемување на бројката на оздравени пациенти, како и намалување на новорегистрирани случаи и починати. Во споредба со месец декември, бројот на активни случаи е намален за 46%. За 51% е намален и бројот на хоспитализирани пациенти низ здравствените установи ширум државата“, соопштуваат од министерството.
Од министерството апелираат уште еднаш да останеме одговорни, да продолжиме целосно да ги почитуаме мерките за заштита од Ковид-19 и превенција од понатамошно ширење на вирусот.
Министерот за здравство Венко Филипче, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров вчера имаа онлајн средба со регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге и претставници од оваа организација, каде дискутирале за актуелната состојба во земјава.
„Состојбата е стабилизирана. Имаме зголемен број на оздравени пациенти и намален болнички капацитет за третман и лекување на пациенти. Преку КОВАКС механизмот оваа година очекуваме 833.000 дози на вакцини. Се заблагодарувам на СЗО за помошта и поддршката која ни ја дадоа во овој тежок период. Подготвени сме и за следниот предизвик, периодот на вакцинација“, соопшти министерот Филипче.
Вчера од 793 тестирања беа регистрирани 72 нови случаи на Ковид-19, починати 13 лица и 1023 оздравени. Досега вкупно се направени 435.361 тестирања, вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот изнесува 89463, бројот на оздравени пациенти е 74.800, на починати е 2739, а бројот на активни случаи изнесува 11924.
Рестораните и угостителските објекти од денеска ќе работат до 21 часот, со што престанува да важи одлуката што беше во сила во изминатиот месец за работа до 18 часот, по препорака на Комисијата за заразни болести за да се спречи групирање во празничкиот период и ширење на вирусот Ковид-19.
Следната недела ќе се разгледа можноста за продолжување на работното време на угостителските објекти по 21 часот, но, како што рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битриќи, секоја мерка што се носи мора да оди парарелно со примарната цел, а тоа е здравјето на граѓаните.