Македонското здружение на млади правници (МЗМП) го објави Годишниот извештај за имиграцискиот притвор во Македонија, во текот на 2016та година. Како што е наведено, извештајот претставува преглед на праксата во Македонија за задржување на државјани на трети земји во 2016 година.
„Сите засегнати лица беа задржани во Прифатниот центар за странци во Скопје и поголемиот дел од задржаните лица станаа баратели на азил по нивното ослободување. Извештајот вклучува достапни податоци за бројот на задржаните државјани на трети земји, за основите и условите на задржување и постапката за азил на оние кои побарале азил по ослободувањето“, се вели во Годишниот извештај.
Анализата на МЗМП покажува дека минатата година, најмалку 438 лица биле задржани во Прифатниот центар за странци. Од нив, 25 биле деца, од кои едно било одвоено од неговото семејство, а друго било непридружувано.
Поголемиот дел од задржаните лица кои барале азил, потекнуваат од Пакистан, Авганистан, Иран, Сирија и Мароко.
„Речиси сите задржани лица кои беа интервјуирани, биле приведени во моментот кога ги користеле услугите на шверцерите на мигранти и беа пуштени на слобода по давањето на исказ во кривичната постапка која се водела против шверцерите на мигранти“, објаснуваат од МЗМП.
„429 лица кои претходно биле задржани, станале баратели на азил на овој начин. Од нив, на 80 лица им бил закажан разговор за утврдување на право на азил, откако веќе заминале од Прифатниот центар за баратели на азил. Оттука, Секторот за азил ги запрел постапките за азил во ваквите случаи. Просечното времетраење на престојот на овие баратели на азил во центарот е 4 дена. Вкупно 8 лица престојувале повеќе од еден месец, а најдолгиот престој изнесува 61 ден“, стои во Годишниот извештај.
М.Т.