Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски денеска на прес-конференција ги изнесе најголемите лаги на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кажани во годинава што изминува.
Христијан Мицкоски, заложникот на Димитар Апасиев се што правеше во оваа 2022 година беа лаги и деструкции. Во годината во која започнавме преговори со ЕУ ќе остане запаметено дека Мицкоски се што кажа излажа. Првата и најголема негова голема лага беше дека со прифаќањето на европскиот предлог, ќе следувале асимилација и бугаризација. Втора најголема лага на Мицкоски во 2022 е тоа дека нема да започнеме преговорите со ЕУ, истакна Каевски.
Тој ги повтори изјавите на Мицкоски дека „Македонија нема ниту скрининг ниту почеток на преговори со ЕУ“ и „Албанија ќе преговара, а ние ќе седиме во чекалната“.
Ова беа зборовите, ова беа лагите на Мицкоски кој тврдеше дека преговорите за членство во ЕУ е недостижна цел. Но и оваа лага на Мицкоски многу бргу потона. Започнавме преговори со ЕУ на 19 јули. Скринингот е веќе во тек, и што е уште поважно започнавме преговори со заштитен македонски јазик и идениттет. На првата Меѓувладина конференција, тоа беше соопштено јасно и недвосмислено во Брисел, од страна на високи европски претставници, нагласи пратеникот на СДСМ.
Според Каевски, „ќе остане запаметено дека Мицкоски и неговите пратеници со сите сили се противеа на усвојувањето на европскиот предлог кој обезбеди почеток на преговорите со ЕУ, после 17 години минати во чекалната“.
Мицкоски го лаже народот, слаб е и нема став. Затоа што е во целосно заложништво на Апасиев и на погрешна страна на историјата. На Мицкоски не може да му се верува, заклучи Каевски на денешната прес-конференција.