За еден сантиметар е намален водостојот на Охридското Езеро, а нивоата на другите две природни езера во земјава се исти како вчера, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Со тоа, водостојот на Охридското Езеро е за 15 сантиметри понизок од повеќегодишниот просек за месец август. Пониски од просечните се и нивоата на Преспанското и на Дојранското Езеро. Водостојот на Дојранското Езеро е 48 сантиметри под договорениот минимум, а нивото на Преспанско Езеро е 11 сантиметри под апсолутно појавениот регистриран минимум.
Водостојот, пак, на повеќето од реките во земјава е повисок од просечниот. Во споредба со вчера најголем раст на нивото од 32 сантиметри има реката Вардар на мерното место кај Јегуновце, а најголем пад од 28 сантиметри повторно има Вардар, но на мерното место кај Велес.
МИА