Во европскиот месец на кибер безбедноста – октомври, Народната банка направи брошура за безбедност при користење дигитални финансиски производи и услуги, информираат оттаму. Сега граѓаните можат да се информираат повеќе за дигиталните финансиски канали и услуги кои им стојат на располагање (плаќање со платежна картичка преку интернет, е-банкарство, плаќање со мобилен телефон, онлајн кредит), за препораките како да се заштитат при користењето на овие услуги, како да ги заштитат своите уреди и своите лични податоци, но и што треба да преземат ако се посомневаат во онлајн измама.
Во НБРМ велат дека дигитализацијата носи многу погодности, но исто така и закани поврзани со кибербезбедноста.
„Сведоци сме дека насекаде во светот има случаи на измами поврзани со користењето дигитални услуги, токму затоа важно е граѓаните при користењето на алатките за онлајн финансиски производи и услуги, да знаат како да ги заштитат своите податоци, а со тоа и својот идентитет и имот од можни злоупотреби. Ние делуваме проактивно, преку финансиската едукација и придонесуваме за подигнување на свеста на јавноста за можните опасности од споделувањето на личните податоци преку дигиталните канали и им дава совети на граѓаните за тоа како треба да ги користат придобивките од дигитализацијата, а притоа да бидат безбедни“, наведено е во соопштението на НБРМ, пренесе МЕТА.
Во брошурата на систематизиран начин се објаснети повеќе препораки за безбедно користење на дигиталните финансиски производи и услуги.