Само неколку часа пред крвничкиот ракетен напад врз една продавница во селото Хроза, во Харкивската област, рускиот диктатор, говорејќи на конференцијата на московскиот прорежимски тинк-тенк Дебатен клуб Валдаи, изјави дека неговата земја не ја почнала војната.
Putin: “We did not start the so-called war in Ukraine.” pic.twitter.com/W5PEf6pNJO
— NEXTA (@nexta_tv) October 5, 2023
„Ние не ја почнавме таканаречената војна. Ние се обидуваме да ја сопреме“, рече Путин, изнесувајќи целосна и небулозна невистина, тврдејќи дека, всушност, Кијив, со помош на Западот, ја почнал војната.
„Ние никогаш не сме ги заплашувале луѓето“, рече тој меѓу другото.
Војната е во својата 10-та година и „специјалната воена операција има за цел да ја запре“, рече тој на конференцијата во јужниот град Сочи. Своето тврдење, Путин го поткрепи со фактот дека, како најголема земја во светот по површина, Русија нема потреба да зема територија од Украина.
„Трајниот мир ќе завладее кога сите ќе се чувствуваат безбедни“, додава тој и го обвини Западот дека „го изгубил чувството за реалност“.
Во нападот, денеска рано попладне, на 5 октомври, врз очигледна цивилна цел, продавница во селото Хроза близу Харкив, загинаа 50 цивили, вклучувајќи и едно шестгодишно дете.
Овој ѕверски напад врз украинските цивили е воено злосторство и, очигледно, се спроведува во знак на одмазда за воените порази што ги трпи агресорот на бојното поле, објави ЦИВИЛ МЕДИА попладнево.
Исто така, ЦИВИЛ МЕДИА објави дека овој најнов напад е извршен откако стана очигледно дека на воен план, рускиот агресор трпи загуби и со месеци е во дефанзива. Руската Црноморска флота е принудена на големо повлекување од пристаништето на Крим, како што објави американскиот Институт за проучување на војната, илустрирајќи го со зборовите на британскиот министер на вооружените сили, Џејмс Хипи, кој рече дека флотата претрпела „функционален пораз“.
Во текот на првите денови од октомври, според сателитските снимки, најмалку 10 од елитните воени бродови на Владимир Путин се повлекоа 237 милји во правец на руската територија, поточно од Севастопол до Новоросијск, по засилените украински напади во последните недели.
Џ. Д.