ВОЈО МАНЕВСКИ
На народот има кој да му пишува
Измина и оваа празнична недела, го одбележавме роденденот на современа независна Македонија.
Сѐ се менува ама овој народ наш никако да се промени. Прави што сакаш, менувај устави и закони, тој пак е незадоволен. Сѐ некако минатото му било подобро. Па ако било подобро зошто и тогаш беше народецов незадоволен? Што сака народот да биде? Властодржец? Па нели му е доволно што е носител на суверенитетот па уште сака и да владее. Каде го има тоа, кажете?
Му нудиме листи на кој се одбраните меѓу нас и тој само треба да заокружи едно малечко бројче. Тоа не му било доволно, па сакал и да избира кој ќе биде на тие листи, да бирал он кого сакал. Мало морген дечки, ние од лидершипот за што сме тогаш? Нема попуштање на народот, тоа е политичко правило. Треба да му се објасни дека нашиот интерес е и негов иако тоа нема веднаш да го почувствува. Ако му дозволиш на народот да стане фактор, тогаш ќе сака да се меша и во изборот на директори и „раководеќи“ органи. Ќе биле поспособни– вели тој неблагодарниот народ. Поспособни за што и од кого? – е вистинското прашање. Ќе знаат ли тие нивните „способњаковиќи“ да ги слушаат инструкциите, да наместат разни документи, да извршуваат задачи? Чисто се сомневам дека такви ќе најдат без наша помош.
Народот да имал увид во парите и заедничкиот државен буџет. Знае ли тој народот дека тоа не е лесно и не е за обичните граѓани? Да го зголемиш буџетот за да ги задоволиш потребите на сите што преку партиските списоци си ги вдомил во администрацијата а толку пари нема. Значи треба да се позајмува или дома или во странство. Отвориле уста пензионери па им била мала пензијата. А од каде пари ако не од народот, нема ние од дома да ги донесеме?! Ајде ти се молам, каква безобразност! Тој, народот, мисли дека е лесно да се договараат разни кредитни аранжмани а првата рата да биде после нашиот мандат. Умешност е тоа, а не популизам па да биде вклучен народот. На крајот на краевите, ние сме тие што тој ги одбрал и ни дал мандат. А професорот по римско право знае дека МАНДАТ значи овластување да се работи во корист на оној што го дава мандатот. И што има тука нејасно? Ние најдобро знаеме што е најголемиот интерес на народот. А ако има малку и од нашиот интерес да ги прашаме професорите што пласираат разни теории – ние сме дел од народот или не сме?
На овој народ нема шанси да му се погоди. Сме го делеле, сме внесувале поделби. Добро, ете ги послушавме и се договоривме колку и кој од партиите да зема пари од буџетот. Е што сака неблагодарниот народ? Пред пладне да донесуваме закони а попладне да ги молиме олигарсите да ни дадат средства за обично функционирање? Ако ништо друго срамота е тоа. Ние, народните избраници да се молиме кај некој си чорбаџии. Стварно е рушење на идентитетот на народот и свиткување на неговото достоинство.
Сме менувале Устав кога сакаме или не сакаме за џабе? Е кој да го менува другари и господа? Па ние сме тие што најдобро ја согледуваме иднината и развојот на народот и државата. Нема белки да трошиме драгоцени буџетски пари, нужни за суштински тендери за проверка на народната волја. Нема народот своја волја туку тие, политичките противниците му ја формираат со своите медиуми и платените интелектуалци и новинари. Сѐ предавник до предавник. Малку ли е што преку пресови и изјави го освестуваме народот за опасноста од внатрешните и надворешните непријатели.
Сме менувале и закони според нашите интереси. А слушнал ли народот за политички дијалог? Така се доаѓа до одржливи решенија и политичка хармонија. Што сака овој народ, навистина не ни е јасно!?Да се испозатвораме меѓу себе ние политичарите а тие да си гледаат сеир и да нѐ оговараат по кафаните и пред гранапчињата? Правилно е да се донесуваат закони што ќе прават политичка стабилност а не постојана кавга меѓу политичарите. Навистина некогаш овој народ не е во право дури и кога мисли дека е во право. Да ставале обвинители и судии според некакви мериторни правила? Па добро бе народу, нели тие е малку што нѐ пцуеш по социјалните мрежи па сакаш и обвинители и судии да поставуваш за да нѐ затвораат? Ние да ги гласаме тие личности а тебе народу да ти одговараат за работата? Каде има твој потпис при нивниот избор, народу мој? Да нѐ пцуете, да нѐ оговарате и нас и нашите семејства а да не прашате колку болка тоа ни донесува. Да ги гледате нашите деца и роднини со презир а тие да немаат право да бидат вработени во државни институции. Нема логика нели? Ние да донесуваме одлуки за вас, а нашите деца да бидат вработени кај некој „приватници“ и после да можат да нѐ уценуваат за тендери и законски решенија. Тоа е директно загрозување на безбедносниот аспект на функционирањето на државата. Сте размислувале ли за тоа мои сограѓани? Дури и кога нашите роднини се занимаваат со приватно производство и трговија, имате замерки. А тие придонесуваат несебично во БДП на државата.
Има многу нешто што може да му се приговори на овој народ кој станува сѐ по нефер кон своите избраници и навистина не знам до каде ќе оди ова вака. Затоа народу мој, биди малку по благодарен и користи ги манифестациите што ти ги организираме, шетај низ парковите што ти ги правиме, слушај ние што ќе ти кажеме на телевизиите и играј, играј, во песната и играта е вистината. Земјо македонска уважавам тееее, три напред два назад и играј, играј народу мој!
А, ако сте многу паметни и не ви се допаѓаме, направете си партии ако мислите дека е лесно и бирајте си кој сакате. Ама ние името ВМРО (или СДСМ) – НЕ го даваме! За други имиња давање и раздавање, ќе си се договориме (пазариме) меѓу себе.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.