Активистката за човекови права Мери Николова во разговор за ЦИВИЛ Медиа вели дека вистинските борци кои се бореле од срце, секогаш стојат на страна, а ‘новокомпонираните’ им се додворуваат на политичките лидери, за да добијат некаква работна позиција. Таа додава дека иако добила парични казни поради учеството и организирањето на протести, сепак, не се откажува, затоа што верува дека ќе може да се избори за подобро општество.
„Ние бевме неколку луѓе, кои кога сите се плашеа од режимот на Никола Груевски, излеговме први на улица и му порачавме да си оди, со тоа што му испративме три црни картони. По нас се појавија активистите-студенти кои беа за пофалба и очекувам дека понатамошниот активизам на многу наши млади, ќе започне тогаш кога ќе се почитува и цени нивниот труд во нашата држава.
Јас започнав една невобичаена работа во Македонија којашто никој од политичарите не се осмели да ја направи и како активисти за човекови права, побаравме амнестија, со тоа што никој од пратениците не се осмели да ни ја олесни работата со Предлог-закон за амнестирање на многу неправедно осудени лица во затворите. Успеав за три дена да соберам над 11.000 потписи, успеав со протести да заработам казна од 1.710 евра, успеав да трпам големи закани и притисоци, да го жртвувам моето семејство, но јас сепак, не се откажав. Не се откажав, затоа што верувам дека со самите промени, ќе дојде и промената – за наше демократско, слободно размислување.
Повеќе за активизмот би кажала дека вистинските борци коишто се бореле од срце, коишто допринеле за пад на овој режим, секогаш стојат на страна, додека ‘новокомпонираните’ доаѓаат со една замисла и со точно утврдена цел и задача – на какви работни места да се позиционираат.
Исто, би кажала и дека ниедна жена и ниеден активист не би потценила, но ние сите знаеме колку сме можеле… Нашата борба била самофинансирана без некој насилно да нé тера да излеземе на улица, туку сé што сме правеле, сме го правеле со срце и со душа. За да живееме во демократско општество и нашите деца да ги учиме дека само преку образованието може да се постигне успех, а не преку партиските додворувања“.
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента