Резултатите од двата круга од локалните избори во Македонија навестуваат промени и во Владиниот и во парламентарниот состав. Неизвесно е исто така кои ќе бидат следните чекори и како ќе влијаат врз Владата и врз парламентот синоќешните најави за непризнавање на локалните избори од Алијансата на Албанците, која е дел од Владината коалиција и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која засега има најголем број пратеници во Собранието, јавува МИА.
Промени во составота на Владата засега се очекуваат на челната позиција во Министерството за здравство бидејќи Арбен Таравари, кој доаѓа од Алијансата на Албанците, стана градоначалник на Гостивар. Нов човек во Владата на премиерот Зоран Заев треба да дојде и на местото министер без ресор, задолжен за странски инвестиции, откако синоќа Рамиз Мерко од ДУИ го победи Зијадин Села од Алијансата на Албанците во Струга.
Градоначалник на Чаир стана Висар Ганиу од ДУИ кој беше заменик министер за образование.
Пратеничката група на СДСМ, исто така, ќе претрпи персонални промени откако, градоначалници станаа Петре Шилегов – на Скопје, на Карпош – Стефан Богоев, на Шуто Оризари – Курто Дудуш, на Куманово – Максим Димитриевски, на Гевгелија – Сашко Поцков, на Струмица – Коста Јаневски и на Штип – Благој Бочварски.
Нивните пратенички места се очекува да ги заземат Татијана Лалчевска, Анета Симеска -Димоска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев, Костадин Костадинов, Агим Муртезанов и Костадин Ацевски.
Промени во парламентарните соодноси се очекуваат и откако меѓу двата круга, Чедомир Саздовски од ГРОМ го извести претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе функционира како независен пратеник, а не како дел од пратеничка група на опозицијата.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.