ВЕСТ НА ДЕНОТ: Нова закана за бомба во едно скопско училиште, потврдуваат од МВР за ЦИВИЛ Медиа
„Денеска (28.10.2022) во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на меил адресa на едно училиште во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштeто и антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Ова е трет ден како што има закани за бомба во училиштата. Претходните дојави беа лажни.
РЕАКЦИИ: Сојуз на средношколци: МВР брзо да ги расчисти случаите, заканите мора да бидат сериозно сфатени
„Министерството за внатрешни работи максимално да се посвети на потрагата по чиновниците и брзо разрешување на ситуацијата, за повторно да може да имаме непречена и безбедна настава. Овие закани мора да бидат сфатени сериозно имајќи ја предвид безбедносната состојба во земјата и светот, апелираше Сојузот на средношколци изутринава пред новата дојава за поставена бомба во средно училиште во Скопје.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Тупанчески: Нова дигитална судница во Кривичниот суд Скопје, државата е одлучна во процесот за постигнување дигитална трансформација на правосудството!
,,Државата е одлучна во процесот за постигнување на дигитална трансформација на правосудството. Oбезбедeни се финансиски средства и веќе во сите судови е набавен новиот сервер. Извршена е навремена и соодветна опременост на судовите со ИКТ опрема. Модерните европски дигитални текови се присутни во нашиот правосуден систем и го поттикнуваат враќање то на довербата во судството. Пристапот до правдата доживува целосна трансформација, а придонесот на информатичката технологија нуди бенифити кои нужно ќе доведат до унапредено судство ,заштита на човековите права и приближување до вредностите на правдата и правичноста”,рече Никола Тупанчески, министер за правда.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
КУЛЕБА, ХОЛОДОМОР Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика парламентите на сите земји да ја поддржат Украина и да го признаат вештачкиот советски холодомор од 1932-1933 година во Украина како геноцид.
ГРОСИ, НУКЛЕАРКИ Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, во четвртокот ги информираше членовите на Советот за безбедност на ОН на седница зад затворени врати за ситуацијата во нуклеарните постројки на Украина.
ЖРТВИ, ДОЊЕЦК Четворица цивили загинаа, а девет беа повредени во руското гранатирање на регионот Доњецк во изминатиот ден, изјави началникот на регионалната воена управа на Доњецк, Павло Кириленко на Телеграм
ФЛЕШ ВЕСТИ
УЧЕНИЦИ, ПРЕВОЗ Во услови на економско-енергетска криза, Општина Чаир веќе не е во можност да го финансира превозот на речиси 500 ученици од други општини кои учат во училиштата на територијата на Чаир,изјави градоначалникот на Општина чаир, Висар Ганиу. Меѓу нив се и ученици од населба Визбегово во општина Бутел, за кои минатата година двете општини договориле да ги поделат трошоците.
ПЕНОВ, ЛОКАЛНА САМОУПРАВА Собранието денеска го избра поранешниот скопски градоначалник Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа. „За“ изборот на Пенов гласаа 63-ца пратеници, а 30 беа „против“.
ЕНЕРГИЈА, КРИЗА ЕСМ на 27.10.2022 година произведе 10.986 MWh електрична енергија и целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи. Во Термоелектраните произведени се 7.587 MWh, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци произведени се 3.399 MWh.
КЛУБОВИ, ДОБОРСОСЕТСТВО Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на брифинг со новинарите во Скопје потврди дека нема да оди на отворањето на клубот на македонската заедница во Благоевград в недела, бидејќи смета дека ниту тој клуб, ниту пак бугарските што се отвораат тука им одат во корист на македонската заедница во Бугарија или на бугарската заедница во земјава.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Стануваат апсурдни, па дури и смешно несериозни серијата „пишман“изјави и ротации околу самиот себеси на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Најновата вратоломија и политичко „салто мортале“ на Мицкоски е изјавата дека „македонскиот јазик е завршена работа, признаен од Обединетите нации и кодификуван со сите јазични и научни нишани“, со што на „нишан“ ја стави сопствената политичка иднина како политичар кој ги менува своите политички ставови почесто од чорапите, но со доволно временски простор од една до друга „преслека“ за да ја „труе“ јавноста со дезинформации“, пишува Зоран Бојаровски во денешната колумна „Колку ротации околу себеси му се потребни на Мицкоски да создаде центрифуга за да ја испере етикетата дезинформатор?“
„Жално е што нашиот мајчин, македонски јазик, денес, овде, тука и сега, не се препознава преку најпознатите наши писатели кои на македонски јазик творат и го афирмираат јазикот, туку македонскиот јазик го препознаваме преку пцовките на пцујачите од ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Ненад Јовановиќ во неговата колумна „Одземете му ја реториката која убива и – од него нема да остане ништо“
„Како и зошто се „произведува“ оваа количина на девијација и зло се едни од прашањата, но не помалку загрижува рамнодушноста со која ги восприемаме овие информации. Порано важеше она секое чудо за три дена, сега, би рекла, чудото умира за три часа. Ако на сета оваа колективна изложеност на објави со црна содржина ги додадеме нашите секојдневни грижи (секој се соочува со секакви проблеми, болест, смрт на блиски итн.), прегоревме, верувам дека веќе научивме и тие да ги релативизираме. До коска. Никому за ништо не му е гајле, или барем така се чини?“, вели Ана Василевска во „Насилството не се симнува од насловни, нам око не ни трепнува“
Б. Јордановска