За да се разбере архитектурата на новиот глобален поредок, прво мора да се погледне на картата на светското богатство, а потоа во мапата на светските мориња.
После повеќе од еден век во кој географскиот центар на глобалниот бруто-домашен производ беше цврсто закотвен некаде помеѓу Европа и Северна Америка, економското тежиште незапирливо се враќа кон Азија. Ова движење кон Истокот не е некаков историски инцидент, туку враќање на историската нормала, во која Кина со векови учествувала со 20 до 25 проценти во создавањето на глобалното богатство.
Но, оваа тектонска економска транзиција не се случува изолирана од постоечките рамки на безбедносната инфраструктура која е сè уште дизајнирана според правилата на 20-от век.
Токму во тој процеп помеѓу економската реалност и безбедносната архитектура на светот лежи современата форма на Тукидидовата стапица. Тукидовата стапица претставува тенденција за судир помеѓу силата во опаѓање (САД), која сè уште го диктира поредокот, и силата во подем (НРК), која бара простор пропорционален на нејзината економска големина. И тој судир денес се води преку контролата на логистиката.
Соединетите Американски Држави како хегемон можеби ги губат индустриските битки (дронови, батерии, потенцијал за бродоградба), но сè уште располагаат со неприкосновена и без конкуренција контрола врз светските поморски патишта. Оваа доминација им овозможува да ги користат светските океани и стратешките теснеци како моќни лостови на притисок – како алатки за ограничување, санкционирање и контролирање на потенцијалот на секој предизвикувач.
Свесна за оваа поморска ранливост, Кина не се обидува фронтално да ја разбие американската морнарица. Иако веќе бродоградбата значително ја надмина онаа на САД, Кина сè уште е заклучена од „Првиот синџир на острови“.
Затоа, наместо тоа, Пекинг ја применува логиката која би можела да се нарече „доктрина на водата“: таа не го крши каменот пред себе, туку го заобиколува, пополнувајќи ги празнините преку огромната тежина на сопствената геоекономија.
Највидливиот доказ за ова не се само грандиозните копнени инфраструктурни проекти кои ги премостуваат континентите, туку нешто многу посуштинско – исклучително брзата кинеска транзиција кон зелената енергија.
Во западниот дискурс, зелената транзиција најчесто се чита исклучиво низ призмата на климатската одговорност. Но, во кинеската стратегиска мисла, тоа е прашање на опстанок. Кина страда од хроничен недостаток на енергенси и прекумерна зависност од увозна нафта која патува токму низ оние морски теснеци кои Вашингтон може да ги затвори преку ноќ.
Затоа, масивните инвестиции во соларни панели, ветерници и електрични возила не се само еколошка мерка, туку најбрзиот чекор кон целосна енергетска автономија. Со секој нов мегават струја произведен дома, се намалува геополитичката уцена од морето.
Кога големата слика е вака поставена – од една страна поморска доминација, од друга геоекономска експанзија за нејзино заобиколување – станува јасно дека тежиштето на глобалниот судир паѓа врз оние држави кои физички ги спојуваат овие два света. Тоа се државите кои не се ниту американски протекторати, ниту кинески сателити, туку самостојни јазли на моќ. Тоа се таканаречените „global swing states“. Во таа нова граматика на светот, каде што географијата повторно се чита како политичка судбина, два актери се издвојуваат со својата специфична тежина и дијаметрално различни стратегии: Турција и Иран.


Ако државите-балансери се најкарактеристичните актери на новиот глобален поредок, тогаш Турција е нивната најилустративна форма. Таа не е само средна сила што тактички маневрира меѓу големит. Таа е држава што живее во повеќе „геополитички светови“ истовремено и токму од таа фрагментација на поредокот ја извлекува својата најголема преговарачка предност.
Во случајот на Турција, географијата не е позадина на политиката, туку нејзина прва и трајна логика. Мал број држави се наоѓаат во толку густа точка на допир меѓу различни безбедносни простори. За Анкара, контролата на Босфорот и Дарданелите, позицијата помеѓу Црното Море и Медитеранот и близината до Балканот, Кавказот и Блискиот Исток, не се само географски факти. Тие претставуваат геополитички „граничен премин“ на многу држави, региони и интереси. Така, таа се поставува како царинарница преку која се наплатува нејзината неопходност за двата света. Оваа положба создава посебен тип државна самосвест – Турција не е само територија што треба да се брани, туку и премин што може да се контролира. Нејзината моќ лежи токму во способноста да ја условува проекцијата на силата на другите. И ова можеме да го видиме со односот помеѓу ЕУ и Турција и миграциската политика, но и со статусот и потенцијалот на воените американски инсталации.
Ваквата самосвест генерираше тектонско поместување во турската национална стратегија. Во текот на Студената војна, Турција пред сè се читаше како јужно крило на Западот, дисциплиниран географски столб чија задача беше да ја ограничи советската проекција кон топлите мориња. Но, мултиполарниот момент ја трансформираше оваа свест. Турција повеќе не прифаќа да биде периферна линија на било кого, туку претендира кон статусот „централна држава“.
Таа денес е држава-балансер од исклучително значење, актер кој практикува стратегиска мултивекторност. Останува во рамките на НАТО, но истовремено купува огромни количини на руска енергија, одржувајќи прагматични односи, и истовремено будно го следи кинескиот геоекономски напредок, одбивајќи ексклузивна стратешка потчинетост кон кој било центар. Нејзината припадност кон западните сојузи денес сè помалку е прашање на вредносна дисциплина, а сè повеќе алатка за стратешка предност. Еве можеме да го земеме за пример военото производство. Турската воена индустрија не би можела да биде толку напредна и масовна без критични елементи кои ги обезбедува од западот.
За разлика од многу други средни сили кои својата автономија ја градат исклучиво на дипломатска реторика, турската амбиција почива на сериозна материјална подлога. Оваа автономија е заштитена со тврда моќ – втората најголема војска во НАТО, сè поагресивна домашна наменска индустрија и воено присуство кое директно проектира сила во Катар, Либија и Сомалија. Но, нејзиниот дострел се калибрира и преку меката моќ – преку културната, образовната и развојната пенетрација на Балканот, Кавказот и во Африка. Оваа двојна архитектура ѝ овозможува да биде не само фактор што се појавува во екот на кризите, туку актер што ги диктира условите на терен и останува длабоко вкоренет по нивното завршување.
Сепак, трезвеното геополитичко читање на Турција мора да ги нотира и нејзините ограничувања. Геополитичката автономија е скап проект, а во турскиот случај таа често се плаќа преку внатрешна економска ранливост. Сериозните економски тензии, монетарните турбуленции и високата внатрешна поларизација се суров потсетник дека државите-балансери често профитираат од фрагментацијата на светот, но се подеднакво изложени на нејзините удари. Турција е исклучително влијателен, но не и семоќен пример за новата ера: доволно самоуверена за да ги користи пукнатините на поредокот, но во постојан ризик од пренапрегнатост на сопствената амбиција.
Иран: Неприкосновена тврдина
Ако Турција ја претставува државата-балансер која ја користи својата географија за да отвора коридори и да го проширува сопствениот простор на маневар, тогаш Иран ја претставува подеднакво важната, но дијаметрално спротивна логика: држава која географијата ја претвора во неприкосновена тврдина. Неговата стратешка тежина не произлегува само од демографскиот или енергетскиот капацитет, туку од фактот дека лежи на крстопатот каде што се спојуваат Персискиот Залив, Каспискиот басен, Кавказот и правците кон Јужна и Централна Азија. Во таа смисла, Иран одамна престана да биде само блискоисточен актер. Тој е вистинскиот копнен и поморски јазол на Евроазија, а токму тоа ја објаснува истрајноста со која големите сили се обидуваат или да го придобијат, или целосно да го задушат.
За разлика од државите кои преживуваат преку отвореност, Иранската држава историски опстојува преку затвореноста. Неговата топографија – непрегледните планински масиви и тешко пробојната внатрешност (пустини и сурови услови) – му даваат посебен тип на стратешка издржливост. Тој не е лесна рамница која брзо се совладува, туку систем кој научил да ја апсорбира принудата и да ја трансформира во долготрајна отпорност. Затоа Техеран не се перцепира себеси како маргинален играч во туѓи поредоци, туку како цивилизациска константа која има природно право на сопствен безбедносен простор.
Како што може да видиме, најочигледниот израз на иранската географска предност е Ормускиот Теснец. Низ оваа поморска артерија минува огромен дел од глобалната потрошувачка на нафта и течен гас. Но, суштината на иранската моќ не е во физичкото затворање на теснецот, туку во манипулацијата со ризикот. Доволно е теснецот само да биде оспорен за да се генерира глобален системски шок. Претворајќи ги пристапите кон Ормус во зона на перманентна неизвесност, Иран ги зголемува осигурителните трошоци и ги парализира енергетските пазари. Тоа е чист пример за географија претворена во глобален лост: дури и кога не може целосно да ја контролира играта, Иран може да ја направи неподносливо скапа за сите останати.
Оваа логика на притисок долги години се надополнуваше преку мрежата на асиметрично одвраќање. Преку своите партнери и прокси-актери во Либан, Јемен, Ирак и Сирија, Иран произведуваше стратешка длабочина и „пренесена одбрана“ – управување со конфликтот што е можно подалеку од сопствената територија. Додека класичните армии се борат за контрола на територија, иранската мрежа се бореше за контрола на хаосот. Сепак, динамиката по 2024 година покажа дека овој модел ги достигнува своите граници, принудувајќи го Иран сè почесто да излегува од сенката на прокси-војувањето и да влегува во ризикот на директната конфронтација.
Свесен за овие ограничувања и за притисокот на западните санкции, Иран направи стратешко свртување кон Евроазија. Вклучувањето во БРИКС и Шангајската организација за соработка (ШОС) не е само симболика, туку цивилизациска и економска реинтеграција надвор од западната рамка. Проектите како Меѓународниот транспортен коридор Север-Југ (INSTC) се обид Иран да стане незаменлив логистички мост кој ги поврзува Русија и Индија, и енергетски бедем кој ја храни кинеската индустрија, правејќи го секој иден обид за негова изолација невозможен без да се предизвикаат тешки геоекономски последици за Пекинг и Москва.
Но, тука лежи клучниот парадокс на иранската позиција. Колку повеќе Техеран ја користи географијата, теснеците и незападните формати за да ја зголеми својата отпорност, толку повеќе се зацврстува перцепцијата кај неговите ривали дека тој е тврдина која мора да биде урната пред да стане премногу моќна.
Тоа е класична безбедносна дилема: успехот на иранското одвраќање создава мотив за уште посилно задушување. Затоа Иран денес е опсадна тврдина – држава која ја црпи силата од преживувањето под притисок, но која поради истата таа сила постојано генерира нови кругови на опсада околу себе.
Реалниот конструктивизам на новиот поредок и лекцијата за Балканот
Ако Турција е пример за држава која ја користи географијата за да отвори повеќе правци на дејствување и да ја наплати својата неопходност преку поврзување, тогаш Иран е парадигма за држава која географијата ја користи како тврдина, наметнувајќи ја својата важност преку капацитетот за нарушување. Едната држава е коридор и преговарач, а другата е јазол и бедем. Но, колку и да се дијаметрално спротивни нивните стратегии, и двете сили испраќаат идентична порака: светот повеќе не може да се чита исклучиво низ старите, двобојни мапи на формални сојузништва од Студената војна.
Ваквата архитектура на меѓународните односи бара напуштање на застарените аналитички матрици. Во мултиполарниот свет, каде што се испреплетуваат сировите материјални капацитети и длабоките перцепции за национална несигурност, на сцена стапува еден вид „реален конструктивизам“.
Државите повеќе не го градат своето однесување само врз основа на апстрактни вредносни блокови, туку нивните стратешки идентитети се конструираат околу многу поопипливи, реални варијабли: контрола на енергетски коридори, логистички тесни грла и примарно – балансирање на заканите. Во овој нов поредок, не победува секогаш актерот со најголем бруто-домашен производ, туку оној кој умее својата меѓупозиција, или дури и својата ранливост, да ја претвори во стратешка вредност.
За големите сили, како САД и Кина, ова значи дека битката за глобална доминација нема да се води само преку носачи на авиони или тарифни војни, туку преку придобивање или неутрализирање на овие географски јазли. Но, за малите држави, особено оние позиционирани на историски трусни подрачја – лекцијата е многу посурова и подиректна. Светот влегува во фаза во која стратешките тесни грла и копнените рути повторно стануваат најскапата валута во меѓународната политика. Тоа значи дека и малите држави мора да научат повторно да ја читаат сопствената географија не како статична карта во училница, туку како динамична политичка судбина.
За Балканот, и специфично за Македонија, оваа нова граматика на моќта носи сериозни предупредувања. Регионот не смее да се залажува дека ќе живее во некаква стерилна европска изолација, ниту пак смее да дозволи геополитичкиот вакуум да биде пополнет стихијно. Додека европската интеграција често се одвива со неодлучно темпо, актерите како Турција ја докажуваат својата способност брзо, прагматично и конзистентно да влезат во тие празнини, носејќи со себе слободен капитал, културна блискост и безбедносно влијание. Истовремено, пошироките бранувања од Блискиот Исток и евроазиските коридори, неизбежно удираат на балканските брегови, потсетувајќи нè дека енергетската и логистичката безбедност се неделиви.
Трезвеното читање на овој нов мултиполарен свет бара од малите држави да престанат да ја базираат својата надворешна политика на романтизам или автоматизиран страв. Потребно е суштинско разбирање на балансот на закани. Идниот поредок нема да биде уреден само од класичните хегемони, туку од една комплексна мрежа на подвижни јазли каде што инфраструктурата, статусот и политичката флексибилност се пресудни. Иран и Турција се можеби најјасните симптоми на тој нов свет, но тие се само почеток на една поширока трансформација во која географијата, по којзнае кој пат во историјата, го има последниот збор.
Проф. д-р Александар Иванов е редовен професор на Факултетот за безбедност – Скопјe, специјализиран за безбедност на животната средина, меѓународни односи и трансформација на безбедносната наука во оперативна реалност.
Авторски права и одговорност
© 2026 проф. д-р Александар Иванов и ЦИВИЛ – Центар за слобода
Сите права се задржани.















































