Словенечката Влада вчера објави дека од 23 август патниците во транзит ќе треба да покажат доказ дека се вакцинирани против Ковид-19, доказ дека прележале или негативен тест. Во Бугарија, пак, забележан пораст на заболени од КОВИД-19, највисок од мај годинава.
Од 23 август, транзитот низ Словенија веќе нема да биде возможен без исполнување на ПЦТ барања. “Дотогаш, патниците во транзит не мора да го докажуваат својот статус на Ковид на граница ако ја напуштат Словенија што е можно поскоро и не подолго од 12 часа, информираа од словенечката Влада.
Новите случаи на коронавирус во Бугарија, пак, во претходното деноноќие забележаа пораст од 1047, што е највисок од 10 мај годинава.
Асоцијацијата на ресторани во Бугарија и Бугарската асоцијација на ресторани, пак, објавија дека ги прекинуваат протестите против евентуалното затворање на бизнисот како дел од антиепидемиските мерки.
Тие соопштија дека почнуваат акција наречена „Слобода за бизнисот“, чија цел е плакати на излози и со објави на социјални мрежи да продолжат да го бранат своето право на работа, јави дописникот на МИА од Софија./ МИА