„Јас често говорев дека не бев дискриминиран во однос на сите мои идентитети, меѓутоа некој друг како мене бил дискриминиран. Но, за прв пат почувствував дискриминација на работа и тоа ми создаде многу емотивни проблеми во однос на тоа како се однесував и не ми беше пријатно во таа просторија. Мојата директорка ми кажа дека бев многу смешен кога згрешив еден збор на македонски. Во тој момент не знаев како да реагирам, дали да се извинам што не го зборувам македонскиот јазик како што треба, или да и кажам ‘ти не знаеш ништо од мојот мајчин јазик, не знаеш ниту еден збор, а јас можам да формулирам реченици’. Буквално застанав. Мислам дека подобро ќе се чувствував доколку ме навредеше со фамозните изрази по мојот етникум. Тогаш сфатив дека еден збор е доволен за целата твоја слика, целиот твој труд ти го оспорува и тоа ми беше многу тешко да го прифатам. Ние многу малку реагираме на системската дискриминација“, раскажа активистот Гуѕим Нухиу, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема, „Преку почитување на различностите до справување со дискриминацијата“.
Нухиу вели дека всушност повеќе работи нè спојуваат отколку што нè разделуваат.
„Нè спојува државата, битката против корупцијата, борбата за подобар живот, отколку да се занимаваме кој од која националност е, каква боја на кожа има, каква сексуална ориентација има и друго… Ние треба да бидеме сите исти пред законот, пред институциите и сите да добиваме исти услуги. Различностите се најубавото нешто во нашето општество“, додаде Нухиу.
Панелот е дел од проектот „Направи разлика, почитувај ги различностите“, во соработка со Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети