„Оваа година одбележуваме девет години од постоењето на уличното списание „Лице в лице“ со што ја подигаме свеста во повеќе нивоа и ја зајакнуваме мисијата за вклучување на ранливи сограѓани кои се вклучени како продавачи на списанието. Преку ова работиме на интеграција на ранлива категорија на граѓани, тие се вклучени како продавачи и заработуваат половина од продажбата на списанието и со нив се работи преку посебна дизајнирана менторска програма која треба да ги подготви за пазар на труд“, вели Маја Раванска, одговорна уредничка во уличното списание „Лице в лице“, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема, „Преку почитување на различностите до справување со дискриминацијата“.
Таа вели дека има мрежа на партнерски организации со кои соработуваат, нокои од организациите се бават со лица со попреченост, поранешни младинци од улица, како и организации кои работат со ранлива категорија на граѓани.
„Нашите продавачи не ни препознаваат дека се дискриминирани. Ние дознаваме од нив преку разговор дека всушност на некој начин беа дискриминирани. Ние како општество сè уште не можеме да ја препознаеме дискриминацијата“, вели таа.
Aктивистот Гуѕим Нухиу вели дека живее во зграда каде што живеат граѓани од сите националности и сите се почитуваат.
„Јас често говорев дека не бев дискриминиран во однос на сите мои идентитети, меѓутоа некој друг како мене бил дискриминиран. Но, за прв пат почуствував дискриминација на работа и тоа ми создаде многу емотивни проблеми во однос на тоа како се однесував и не ми беше пријатно во таа просторија. Мојата директорка ми кажа дека бев многу смешен кога погрешив еден збор на македонски. Во тој момент не знаев како да реагирам, дали да се извинам што не го зборувам македонскиот јазик како што треба, или да и кажам ‘ти не знаеш ништо од мојот мајчин јазик, не знаеш ниту еден збор, а јас можам да формулирам реченици’. Буквално застанав. Мислам дека подобро ќе се чувствував доколку ме навредеше со фамозните изрази по мојот етникум. Тогаш сфатив дека еден збор е доволен за целата твоја слика, целиот твој труд ти го оспорува и тоа ми беше многу тешко да го прифатам. Ние многу малку реагираме на системската дискриминација“, истакна Нухиу.
Раванска истакна дека не сака да живее во ваква реалност, не се пронаоѓа во ваква реалност, и дека треба сите ние заедно да го смениме тоа и да делуваме во таа насока.
„Не треба само да констатираме дека реалноста не ни се допаѓа, дека се дискриминирани луѓето, дека не им се дадени еднакви можности, и толку, треба да делуваме тоа да го смениме. И во институциите работат луѓе, на никого не му одговара ваква ситуација во која се наоѓаме во полето на дискриминација и на неразбирањето на различностите и знаеме кое е решението. Зошто да не делуваме на тоа поле, или полесно ни е да го впериме прстот кон некого…
Решението за крај на пандемијата е сите да се вакцинираме, меѓутоа ние имаме случај како што е Валентин кој не може да се вакцинира бидејќи нема матичен број. Такви како него има многу во државата. Тој не може да има еднаквите шанси за здравјето како останатите. Зошто државата и системот за едни е мајка за други е маќеа. Дојдовме до заклучок дека трулиот систем на државата мора граѓаните да го туркаат и да го сменат. Верувам дека случајот со Валентин ќе добие разрешница и ќе може да си го оствари своето право на здравствена заштита“, вели таа.
Нухиу вели дека всушност повеќе работи нè спојуваат отколку што нè разделуваат.
„Нè спојува државата, битката против корупцијата, борбата за подобар живот, отколку да се занимаваме кој од која националност е, каква боја на кожа има, каква сексуална ориентација има и друго… Ние треба да бидеме сите исти пред законот, пред институциите и сите да добиваме исти услуги. Различностите се најубавото нешто во нашето општество“, додава тој.
Раванска потенцира дека покрај еднаквоста треба и правичноста да биде повеќе застапена во нашето општество.
„Што ако сме сите еднакви, на пример образованието е загарантирано, но што ако некое дете го пратиме во училите, но тоа нема што да јаде, ниту претходниот ден немало што да јаде, дали тогаш станува збор за еднаквост? Затоа концепот на правичност и праведност е клучен“, вели таа.
Панелистите заклучија дека треба да се работи на тоа да се врати довербата во институциите.
Панелот е дел од проектот „Направи разлика, почитувај ги различностите“, во соработка со Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети