Речиси 100.000 неважечки гласачки ливчиња беа избројани по првиот круг на локалните избори. Од нив, 45.551 беа за градоначалниците и 51,681 за општинските совети. Ова е драматичен скок на бројот од неважечки гласачки ливчиња.
При првата анализа на оваа појава, се извлекува заклучокот дека тоа се должи на најмалку две причини. Првата причина е проблематичниот изборен материјал за кој ЦИВИЛ екстензивно известуваше во текот на изборниот ден.
Втората, уште поважна причина е „протестното гласање“, односно намерно поништување на гласачкото ливче. Гласачите на тој начин го искажуваат својот протест, односно опомена до кандидатите за преземање на власта на локално ниво. Ако некогаш гласачите често гласаа „против“, а не „за“ некоја политичка опција, сега искажуваат недоверба кон сите учесници во изборната трка.
На минатогодишните предвремени парламентарни избори имаше 38.000 неважечки гласачки ливчиња, бројка за која ЦИВИЛ побара и посебно вештачење, но не беше прифатена. Оваа бројка сега е драматична опомена на гласачите и до локалните власти. Од ЦИВИЛ се најавува дека ќе продолжи анализата на оваа појава и дека ќе излезе со нови, уште поопстојни анализи по комплетирање на изборниот процес.
Џ.Д.