Кога Кристијан Мицковски, новоназначениот ген-сек на ВМРО-ДПМНЕ, пристигнал на состанокот на охридскиот Општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во саботата, на 12 август, го чекало непријатно изненадување.
На состанокот на ОК на партијата требало да го испорача решението за избор на кандидатите за градоначалник и за советници за претстојните локални избори, кое било дизајнирано од врвот од партијата. Но, ВМРО-ДПМНЕ веќе не е тоа што беше – послушничка структура која без поговор ги следи инструкциите од тесниот врв на партијата.
Приврзаниците на реформите во партијата се побуниле против решенијата од центарот кои им ги носел Мицковски. „Сами треба да си ги избираме кандидатите за градоначалник“ – била нивната порака.
Мицковски и приврзаниците на Никола Груевски, тогаш ги обвиниле за предавство. Настанала турканица која, сепак, според анонимните изјави, до кои дојде ЦИВИЛ Медиа, не прераснала во тепачка. На состанокот биле присутни околу 60 видни членови на партијата, од кои половината биле за самостојно дејствување на Општинскиот комитет на партијата и носење одлуки за локалните избори, соодветни на потребите на општината, а не на апетитите и концепцијата на централното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.