Изминатиов период ВМРО-ДПМНЕ во втор план ги стави и федерализацијата и кантонизацијата. Главен виновник за проблемите во Република Македонија, според партијата и лидерот Никола Груевски, е Џорџ Сорос, и неговата Фондација – „Институт Отворено општество Македонија“. Во денешната анкета ЦИВИЛ Медиа ги прашува граѓан(к)ите каков е нивниот став во врска со Сорос.
ЦИВИЛ Медиа денеска ги прашуваше граѓан(к)ите на Скопје, дали се „за“ или „против“ Сорос и неговата фондација во Македонија. Мислењата на граѓаните беа поделени, но, најголемиот дел од нив, не сакаа да зборуват пред камера на таа тема.
„Сорос, заедно со ЦИА, прават што сакаат!“, вели еден од анкетираните. Друг граѓанин истакна: „Не сум многу запознаен, но нашите ни кажаа дека Сорос финаснира луѓе да прават нереди во државата“.
„Сметам дека Сорос дава поддршка за демократските вредности и тоа е потребно за нашето општество“, ни одговори една граѓанка. Друга анкетирана граѓанка додава: „Јас бев дел од Шарената револуција и не земав ниту еден денар. Секогаш кога власта ќе се најде во тесно, измислува некои лаги. Десет години е вака, но сега народот се освести и нема да наседне на овие игри!“