Собранието на Република Македонија в четврток напладне на ново продолжение на 27. седница треба да гласа за Предлог законот за употреба на јазиците, во второ читање, како и за изборот на судии на Уставниот суд на РМ, откако на денешната седница немаше кворум за гласање.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на седницата констатираше дека е завршен општиот претрес за законот и за изборот на судиите, како и дека нема кворум, по што најави гласање в четврток во 12 часот.
Законодавниот дом треба да гласа за предлозите Дарко Костадиновски и Осман Кадриу да бидат избрани за судии на Уставниот суд на РМ, на предлог на претседателот Ѓорге Иванов. Тие треба да дојдат на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава.
Поради отсуство на предлагачите на останатите предлог закони на 27 седница од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Џафери констатираше дека нема услови да се разгледаат тие точки. Немаше кворум ниту за работа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидиско осигурување, по скратена постапка, кој е на дневен ред на 26. седница, како и за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци по скратена постапка, кој е дел од 22-та седница. Во рамки на 22. седница заврши општата расправа за Предлог законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија по скратена постапка, за кој исто така ќе се гласа в четврток.
Собранието, како што најави Џафери, ќе продолжи со работа по 15:30 часот по редовната пауза на пратениците.
Ова е прв работен ден на пратениците по новогодишниот одмор.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.
Одговорноста за редакциското опремување на текстовите (наслов, наднаслов, фотографија, тагови) е на ЦИВИЛ Медиа.