На плоштадот Александар Невски во Софија започна официјалната церемонија за пречек на премиерот Димитар Ковачевски и владината делегација која од денеска престојува во официјална посета на Бугарија, јавува дописникот на Цивил медиа од Софија.
Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски беше пречекана со официјална церемонија на плоштадот „Св. Александар Невски“, од бугарскиот премиер Кирил Петков. Двајцата премиери положија венци пред Споменикот на непознатиот војник и пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј.
Во рамките на посетата, Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска како дел од делегацијата на Владата на Северна Македонија го посети Македонскиот културно-информативен центар во Софија за официјално да го означат почетокот на работата на дописништвото на Медиумската информативна агенција на Северна Македонија (МИА).
За утре е предвидена заедничка седница на владите на Бугарија и Северна Македонија која ќе се одржи во резиденцијата „Бојана“ со воведно обраќање на премиерите Петков и Ковачевски.