ЏАБИР ДЕРАЛА
Медиумската платформа на ЦИВИЛ веќе неколку дена е под дожд од „срдечни поздрави и честитки“ за добрата работа што ја извршуваат тимовите на организацијата. Затоа, читателките и читателите некогаш треба да почекаат 3-5 секунди за да дојдат до нашите медиумски содржини.
Благодарение на деноноќната работа на нашите сајбер ангели-чувари, сè досега успешно му одолеавме на огнот што доаѓа од „мултиракетниот систем“ на нашите „обожавател(к)и“ од другата страна на фактите. Особено жестоки изрази на „љубов“ ни беа испратени во теконт на изминатиот викенд, но и додека ја пишувам оваа блиц порака до јавноста, не нè оставаат на мира.
Без оглед на „благата непријатност“ што ја предизвикува „шпалирот“ од копјаници кои ја опкружуваат нашата и вашата СЛОБОДНА ЗОНА, работата продолжува непречено. Со секое вакво „охрабрување“, нашите тимови стануваат порешителни од кога и да е порано.
Повеќето луѓе веројатно знаат дека „тестирањето“ на сајбер „здравјето“ на онлајн платформите чини пари. И тоа не малку. Кога ли ќе научат дека фактите и слободната мисла се симбол за здравјето и виталноста на едно општество и дека немаат цена? Не постои нешто поиздржливо и посилно од потребата за слободно мислење, говорење и изразување. Тоа е поголемо од „грижата“ и на најголемите и најмоќните.
Спасибо!