ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи и Редакцијата ЦИВИЛ Медиа, поттикнати од колумна Зошто Орце Камчев не одговара за давање награда?, во рубриката МИСЛА, од 28 септември 2019 на ЦИВИЛ Медиа, до Основното јавно обвинителство ги постави следните прашања:
Дали ЈО има сознанија кој ги дистрибуирал снимките во странскиот медиум? Што има преземено во врска со тоа?
Снимките објавени во странскиот медиум се снимки од домот на Орце Камчев кои тој ги документирал и тој располагал со нив. Што е тоа што спречува одговорноста за дистрибуирање на снимки кои се доказ во оваа постапка, а се предадени во друга држава, да се бара директно од Орце Камчев?
Во неколку наврати ЈО изјави дека, заради доверливоста на постапката, не сака да изнесува детали околу случајот пред јавноста, додека дел од доказниот материјал се најде во странски весник. Дали лицето кое ги има предадено снимките на овој начин треба кривично да одговара и за кое дело
Дали како обични граѓани, ако сакаме да дадеме поткуп некому „за да ни заврши работа“ и одлучиме да го снимиме лицето кое го поткупуваме (корумпираме), па откако ќе ни ја заврши работата, го пријавуваме кај премиерот или кај некој друг функционер или дури и кај Вас, а снимките ги даваме дополнително на некој медиум за да има забава, нема да одговараме?
Прашањата беа упатени до Г-н Љубомир Јовески, Јавен обвинител на Република Северна Македонија и Г-ѓа Вилма Русковска, обвинителка во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје.
Од службата на ОЈО за односи со јавноста го добивме следниот одговор:
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција согласно закон има надлежност за постапување само за кривични дела сторени на територијата на Р.С.Македонија.
Согласно своите надлежности обвинителството презема активности за утврдување како детали од истрагата се појавија во македонските медиуми. Во рамките на постапката по обезбеден доказен материјал, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик. Постапката продолжува во насока на обезбедување на докази и утврдување кое лице ги предало документите на обвинетиот новинар, доколку се идентификува ова лице и против него ќе биде поведена кривична постапка“.
Прашањата се во контекст на актулениот случај „Рекет“. Засега обвинети се Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески Кичеец
Б. Ј.