ВЕСТ НА ДЕНОТ
ОЈО: Дисциплинска постапка за обвинителките Рускоска, Трајчева и Јосифовска за случајот со Муареми
Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија донесе Решение со кои се поведува дисциплинска постапка против поранешен основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и уште две обвинителки од тоа обвинителство.
Станува збор за Вилма Русковска, и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои од Суд барале наредба за претрес, под наводно лажни основи. Веста за ја потврдија и извори за НоваТВ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Во однос на ова прашање за закани за поставени бомби во Кавадрци кои секако ги вознемирија граѓаните, можам да кажам дека целосно е расчистен случајот. Денеска се поднесува кривична пријава до соодветното Јавно обвинителство, така да откриен е сторителот и затворен е целиот случај”, информираше министерот Оливер Спасовски.
Во интервју за ЦИВИЛ Медиа, социологот Славе Младеновски, зборува за улогата, причината и целта на анкетите од социолошки аспект. Тој изрази загриженост за тоа дека во минатото свесно или диригирано се нарачуваа анкети за манипулирање на јавноста.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЗАГАДЕНОСТ Граѓаните на Скопје денеска дочекаа екстремно загаден воздух, при што главниот град се најде на 5-то место на најзагадени градови во светот, покажуваат мерењата на платформата „IQAir“.
КУЛТУРА Преку „Отворен Балкан“ поактивно се промовира културата, наскоро се отвора КИЦ и во Белград.
ПОЛИТИКА Во моментот кога ќе имаме широк општествен и политички консензус по истото тогаш ќе може да се најде во Собранието, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали веднаш по новогодишните празници ќе почне постапката за уставни измени, како што посочи претседателот Стево Пендаровски и други членови на Владата.
ДИПЛОМАТИЈА Косовската академија на науките го избриша името на Али Ахмети откако го обвини за поделба на Косово.
ПАРНО Парно за граѓаните и гас за компаниите ќе има и по 1 јануари, иако „Макпетрол“ најави дека повеќе нема да испорачува природен гас до неговите корисници. Системот мора да функционира, а во енергетиката функционира затоа што согласно Законот секој кој користи гас има обврска да има и алтернативно гориво, токму поради вакви ситуации, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.
СУДСТВО Советот за Јавни обвинители на продолжението на 70-тата седница, денеска едногласно го избра Мустафа Хајрулахи за шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје. Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, на почетокот на денешната седница појасни дека Хајрулахи е позитивно оценет со 23 поени.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Русија никогаш нема да успее да ја уништи волјата на украинскиот народ да живее слободно и независно, неговата решителност да се бори со агресорот до победа и нивната демократска и просперитетна европска иднина, се вели во соопштението издадено од делегацијата на ЕУ на состанокот на Специјалниот постојан совет на ОБСЕ во Виена, јавува дописникот на Укринформ.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Тоа се тие слуги на ордите на мракот што би биле најсреќни да поништат сѐ „македонско“ во нашата генетска структура и што се ортачат со квазипланинарите што развејуваа туѓи знамиња на олимписките врвови само за да предизвикаат дополнителен гнев и блокади на решавањето на проблемот со Грција.
Не можат да преболат уште еден тежок пораз кога благодарение на Преспанскиот договор, денеска во Грција, со одлука на судот напишана и на македонски јазик, беше издадена дозвола за работата на Центарот за македонски јазик“, пишува Зоран Бојаровски во анализата „Нема таков “Вениш” што ќе ги избрише злоделата на господарите на заробената држава“.
„Уште кога го заглавував текстот почна да ме јаде јанѕа дали логично ќе го завршам. Не дека не можат да се соберат реченици за еден текст, ама некако ме стиска под лажичката од големите теми. За темите што ги мачеле моите предци од почетокот на минатиот век не пишувам, зошто за нив имам само сенки од вечерните семејни дебати. За оние теми низ кои поминале моите родители, па делумно и мојата маленкост, сметам дека имам по нешто и да кажам. Само ме нервира оној завршетокот од зборот – зација“, пишува Војо Маневски во колумната „Заздравување“.
„Наместо враќање во некоја колку-толку извесна „нормалност“, спремете се за пропаѓање и продирање во разни врсти на насилство, терор и деструкција. Бидејќи тие поинаку и подобро не можат.
Мицкоски работи империјален проект на Будимпешта. Идејата е создавање на десен-фашистички „сноп“ (и албанските партии да немаат илузија: ако успее во тоа Мицкоски, и тие ќе наебат). Преостанува уште да се дисциплинира крупниот капитал во оваа земја.
Мислите дека се зафркавам? Само седете и не правете ништо. И прочитајте го уште еднаш овој текст. И само седете и не правете ништо“, пишува Ненад Јовановиќ во колумната „Во „име на народот“, направија фашизација во партиските ќелии. Во „име на народот“, ќе направат фашизација во целото општество“.
Д. Муратов