Младинскиот сојуз од Крушево, на 14 март (вторник), со почеток во 19 часот, ќе одржи онлајн-дискусија, со фокус на младинските миграции кон западноевропските земји, но и на внатрешната миграција, од помалите градови кон Скопје.
На онлајн- дискусијата која ќе оди во живо, ќе зборуваат експерти и јавни личности од Македонија, како и претставници од македонската дијаспора.
Една од говорничките е Злата Голабоска, дипломиран инженер-архитект, дел од граѓанската иницијатива „Ретвитни оброк“. Таа ќе зборува за причините поради кои ја напушти Македонија.
„Се иселив во најблискиот систем кој административно ќе ме поднесе. Немав никого таму, ни работа, ни другари, ни љубов, ни пари… Ете, толку ми беше стемнето од македонското сонце на слободата“, вели Голабоска, која во моментов живее во Атина.
Дискусијата е дел од иницијативата на Младинскиот сојуз – „MyGreatMacedonia”, чиј интерес е проблемот со младинското иселување и можните решенија и стратегии за намалување на последиците од овој проблем.
Младинскиот сојуз од Крушево е младинска, невладина и непрофитабилна организација, која работи од 1999 година, а главна цел e инволвирањето на младите во сите сфери од општеството.